1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мартенс: „Рекет“ е сигнал дека правото почнува да фукционира

Костадин Делимитов
12 септември 2019

Правната сигурност е клучно за стопанството, а посебно за инвеститорите, предупредува првиот човек на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/3PPdJ
Patrick Martens, Mazedonien, DMWV Delegierter der Deutschen Wirtschaft
Фотографија: Marija Radevska

Скандалот „Рекет“ со внимание се следи и од страна на инвеститорите. Загрижени за актуелниот развој, предупредуваат дека правната сигурност нема алтернатива. Не стравуваат од директни ефекти, но стравуваат ако правниот систем конечно не застане на здрави нозе:

„Овој скандал директно не ги засега инвеститорите, бидејќи нема допирна точка со нивната работа. Но скандалот со специјалната јавна обвинителка е само сигнал дека во државата почнуваат да функционираат правосудните органи. Секаде каде што имало кризи и катастрофи, сме биле сведоци на расчистување на состојбите и поставување нови темели. Ова е единствениот начин земјата да има независно судство", изјави за Дојче веле, Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.

Правна сигурност

Но она што директно ги засега компаниите е долгорочното планирање,правната сигурност во делот на стопанството, развојот на пазарот на труд, конкурентноста, проблемите во администрацијата. Овие забелешки германските инвеститори во континуитет ги доставуваат до власта. На актуелната, но и на претходната. По лошите оценки во последната анкета, која во делови содржеше лоши оценки, очекуваат промена на амбиентот:

„Она што во тоа време кога ја правевме анкетата не им се допадна на ивеститорите е што предвреме се објавија некои договори и тоа не беше мерка што даде чувство на доверба. Она што ние го бараме во иднина е навреме да ги известуваат компаниите кога на пример се носат законски измени. Бидејќи знаете, одлуките за инвестициите се планираат и се носат долгорочно. За промената на рамниот данок сметаме дека беше избрзана, на земјата ѝ требаше подолго време за прилагодување пред да се направи ова“, објаснува Мартенс. 

Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov
78 проценти од германските инвеститори во С. Македонија повторно би инвестирале во земјатаФотографија: DW/B. Georgievski

Отворен дијалог со Владата

Она што е за поздравување, според Мартенс, е што со Владата имаат отворен и редовен дијалог за сите отворени прашања. Ова, според него, е битно со оглед на големиот број присутни компании од Германија во државата, но и сѐ поголемиот интерес за нови инвестиции:

„Имаме отворен дијалог со Владата и сакам тоа да го поздравам. Еднаш квартално, или четири пати годишно, се среќаваме со премиерот Зоран Заев и економскиот тим министри, со вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за финансии и здравство. На овие средби отворено разговараме за проблемите и предизвиците и по нив се наоѓаат конкретни решенија“, вели Мартенс.

Позитивни изгледи

Каков е пулсот на германските компании и што мислат тие во однос на условите за бизнис на македонскиот пазар покажа последната анкета, која редовно се прави еднаш годишно од страна на македонско-германското стопанско здружение. Во последната, објавена во март годинава, беше наведено дека и покрај констатираните проблеми, дури 78 проценти од германските инвеститори повторно би инвестирале во Македонија. Околу половината, или 48 проценти од компаниите, ќе го зголемат прометот во 2019 година, а само 15 проценти планирале дека ќе го намалат. Извозот ќе го зголемат 41 процент од компаниите, а само седум ќе го намалат, додека 39 проценти од анкетираните компании ќе го зголемат бројот на вработени во 2019 година наспроти 10 проценти кои ќе го намалат.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Анѓушев: Нашите компании немаат намалени нарачки во моментовФотографија: DW/Petr Stojanovski

Колку од ова и реално се остварило засега е рано да се кажува. Но она што охрабрува е податокот дека економијата два квартала по ред расте. Во првиот за 4,1%, односно 3,1 раст на брутодомашниот производ во второто тримесечие што деновиве го обелодени државната статистика. Ова, според упатените, е добар резултат, посебно со оглед на случувањата во Германија како најзначаен пазар за македонските извозници, која влегува во рецесија. Од Владата се задоволни и не очекуваат позначајни турбуленции:

„Германското стопанство забавува, ние знаеме дека нашата економија е врзана со извоз во ЕУ, пред сѐ во Германија како наш најголем партнер и тоа секако нѐ загрижува, како што ги загрижува сите во светот. Но, за среќа, од анкетите што ги направивме со нашите компании тие немаат намалени нарачки во моментов, односно сите тие имаат зголемени нарачки“, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Повеќе: Толксдорф за ДВ: Германските инвестиции во Македонија ќе растат

Подобрена регулатива

Во вакви услови, според Мартенс, е клучно да се работи и на засилена поддршка за извозните компании, што во континуитет се прави, а од неодамна и се надгради преку измени во законските решенија во делот на поддршката за компаниите кои сакаат да инвестираат:

„Сметам дека политиката во однос на поддршка на инвестициите во изминативе години беше добра, а од неодамна таа се подобри со носењето на новиот закон за поддршка, која не се однесува само на странските инвеститори, туку и на домашните компании кои сакаат да инвестираат и тоа е добро“, смета Мартенс.

Германската стопанска комора обединува над стотина компании, домашни и странски, кои важат за еден од клучните мотори на економскиот развој на државата. Германија е главен трговски партнер на земјата со која бележиме суфицит во размената. Во првата половина на 2019 година, трговската размена достигна 2 милијарди евра, односно бележи пораст од 18,2% во однос на истиот период лани. Суфицитот е на македонска страна, а извозот на стоки во периодот јануари-јуни 2019 година бележи пораст од 22%.