1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мартин Шулц - новиот бог на социјалдемократите

Сабине Кинкарц
20 март 2017

Сто проценти поддршка! Но колку долго може да издржи еуфоријата околу новиот претседател на германската Социјадемократска партија, Мартин Шулц? Коментар на Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/2ZWK5
Deutschland Martin Schulz zum neuen SPD-Chef gewählt
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Партиските конгреси на кои се избира раководниот кадар знаат да се претворат во весели седенки. Триумфални музички подлоги, блескави лајт-шоуа, насмеани лица и аплаузи кои изгледа како никогаш да нема да престанат. Сето тоа веќе сме го гледале во Германија. Па сепак, партискиот собир на социјалдемократите во Берлин на кој Мартин Шулц официјално беше избран за претседател на партијата и за кандидат за канцелар беше поинаков. Еуфоријата на 2500 делегати и гости не беше одглумена, воодушевувањето беше опипливо. Шулц е првиот шеф на партијата кој е избран без ниту еден глас против. 100% „за“!

Убаво е да се види дека политиката може вака да ги наелектризира луѓето со оптимизам. Но дали тука навистина станува збор за политика, за програма, супстанција? За овие работи Шулц сѐ уште не зборувал многу и ќе минат уште најмалку три месеци пред тој да ја претстави целосната програма со која би ја водел владата доколку победи на изборите. Тоа го најави за јуни. Засега постои само еден конкретен предлог - воведување помош за невработените со шифра К, која значи квалификации. Кој ќе остане без работа, треба да биде мотивиран и поддржан натамошно да се квалификува. Прашање е колку сето тоа има смисла во време во кое работодавачите не успеваат да ги потполнат ни постоечките работни места. Но тоа е за некоја друга приказна.

Гордост и страст

Бидејќи во моментов не станува збор за факти, за програми, за хроничните главоболки на политиката. Станува збор за симболи, проекции и очекувања. Мартин Шулц ги опслужува чувствата и тоа го прави многу вешто. Тој влета во емоционалниот вакуум на германската политичка сцена и наизглед лесно буди страст и гордост, кои во последно време целосно исчеѐнаа од Социјалдемократската партија (СПД). Не е случајност тоа што тој прво удри по Агендата 2010, таа контроверзна реформа на пазарот на труд и на социјалните издатоци, која СПД ја истурка пред повеќе од 10 години, но која тешко до ден денес можат да ја сварат изворните социјалдемократи. Кратењето на социјалната помош многумина во СПД сето ова време го сметаа како предавство на социјалдемократските принципи.

Kommentarfoto Sabine Kinkartz Hauptstadtstudio NEU
Сабине Кинкарц, автор на коментаротФотографија: DW/S. Eichberg

Кога Шулц најави дека нешто ќе менува во Агендата 2010 - што било - тоа легна како балзам на партиската душа. Тоа е искра надеж. Надеж дека партиското раководство ќе се досети на големата тема наречена „социјална правда“ и оти од тоа СПД повторно ќе се издигне во црвен џин. Оваа надеж ја потхрануваат случувањата од последните недели. Зарем илјадници поранешни и сосема нови членови не зедоа партиски книшки? Зарем популарноста на партијата во анкетите не порасна значително? Зарем Мартин Шулц не стана неочекувано вистинска алтернатива за Ангела Меркел?

„Новајлијата“

Алтернатива која зрачи надеж меѓу другото и поради тоа што Шулц е „новајлија“. Звучи парадокасално но е така. Поранешниот претседател на Европарламентот за германските социјалдемократи е буквално дар од небо. Политичарите кои седат во Брисел се толку далеку од партиската централа и базата, како да живеат во друга галаксија. Повремено ќе се појават во Германија, но секогаш се некако само на минување. Брисел имено е подалеку отколку што вели километражата.

Мартин Шулц е всушност свежо лице, но е имун на детските болести какви што би имал некој вистински почетник. Тој е професионален политичар. Добро знае како да настапи, што треба и што мора да каже. Владее со гестикулацијата и мимиката, знае кое копче да го притисне и кои узди да ги затегне. Неверојатно е успешен кога ќе се појави во гратчињата и во селата. Муабети со луѓето и им дава чувство дека некој навистина ги слуша нивните маки. Делува како мештанин, а не како некој кој на неколку часа долетал од Берлин и не знае да се снајде кога ќе заскита понатаму од Бранденбуршката капија.

Ќе издржи ли бранот до септември?

Прашањето од милион долари гласи: колку долго Шулц ќе може да го ложи пламенот на воодушевување и да профитира од еуфоријата? Таа на некој начин го заштитува од критиките и од отровните стрели. Да речеме од оние дека финансиски ги фаворизирал своите соработници како претседател на Европскиот парламент. Ах, тоа сега не е важно, некако му доаѓа банално во однос на она што Шулц го прави во моментов. Навистина? Можеби темата сепак ќе се врати на дневниот ред, бидејќи сега станува сериозно, сега Шулц е официјално шеф на партијата и кандидат за канцелар. Тој е број еден и има моќ да задава цели, но и обврска да дава пример. Сноси одговорност. И конечно, тој ќе биде оној кој сите ќе го сметаат за одговорен, што и да се случи.

Среќна околност за Шулц е што не е член на актуелната влада па не мора да има пардон за евентуалната пречувствителност на коалициските партнери од Христијанско-демократската (ЦДУ) и од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ). Тој има политичка дрскост која другите ја немаат. Тоа е огромна предност која треба само доследно да се користи. Патот по кој тргна делува исправно. Копнежот за праведен свет, за топлина и извесност, одамна не бил поголем. Темата запали. Ако Мартин Шулц во наредните месеци на неправи премногу глупости, тогаш ќе има голема шанса на изборите за Бундестагот на 24 септември да стигне до врвот.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ