Мас: Искористете ја шансата
1 октомври 2018Во изјавата на шефот на германската дипломатија Хајко Мас се вели:
„Иако многумина би посакале поголем одзив, ме радува што огромно мнозинство од оние кои го искористија своето демократско право за гласање, се изјаснија 'за' договорот со Грција. Тие сакаат земјата да продолжи по патот во насока на ЕУ и НАТО и да се реши 27-годишниот спор меу Македонците и Грците. Добро е што по консултативниот референдум сега за договорот ќе се расправа во македонскиот парламент.
Ги повикувам сите политички сили во Скопје и Атина да ја искористат шансата и да го спроведат договорот. Тој ги зајакнува добрососедските односи меѓу двете земји и придонесува за стабилност на Западниот Балкан. Освен тоа, договорот отстранува клучна пречка за приближување на Скопје кон ЕУи НАТО“.
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас пред околу две недели беше во посета на Македонија и Грција. Од Скопје порача дека влезот на Македонија во ЕУ и НАТО не е само нејзин, туку е интерес и на Германија и на Европа. Тој нагласи дека следната година можат да започнат преговорите за членство во ЕУ, потсетувајќи дека она што дотогаш треба да го сработи македонската влада е веќе дефинирано: „Владеење на правото, борба против корупцијата и организираниот криминал". Прашан од германските новинари кога реално Македонија може да се надева на членство во ЕУ, Мас одби да каже датум, но порача дека е можно и брзо да се изоди патот.