1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовен егзодус од Косово

Бахри Цани/ Ж. Ацеска13 февруари 2015

Десетици илјади Косовци минатите недели ја напуштија најмладата држава во Европа. Сиромаштијата и бесперспективноста не се единствените причини.

https://p.dw.com/p/1Ea8x
Фотографија: REUTERS/B. Szabo

„Зошто би требало да останам овде?“, прашува Фитим С. татко на три деца на возраст од десет, осум и три години. До пред неколку месеци тој добиваше социјална помош од 80 евра месечно. Но, дури и таа му беше укината со образложение-има куќа, а други немаат ни тоа.

„Ни беше речено дека можеме да добиеме азил во Германија“, вели семејниот човек. Тој радо би останал на Косово, да може да најде работа, со плата од 200 евра месечно. Но, петчленото семејство се качи во преполн автобус во Приштина. Нивната цел-Германија.

Од пред околу два месеци само од косовската престолнина Приштина секоја вечер кон север тргнуваат до десет полни автобуси. Слични слики се гледаат во речиси секој друг косовски град. Автобусите без проблеми возат низ Србија, иако на Белград тешко му паѓа признавањето на косовските пасоши. Тие возат до Суботица, мал град во близина на српско-унгарската граница. Потоа, тамошната Шенген-граница Косовците ја преминуваат пешки, со помош на шверцери и корумпирани полицајци. Според тврдења на патниците, „помошта“ во просек чини околу 200 евра по глава. Ако ги фати унгарската полиција, тие бараат азил во Унгарија. Но, фактички, целта им се првенствено Германија, Австрија или Скандинавија.

Над една третина живее со помалку од 1,42 евра дневно

Иселенички бран од слични размери на Косово имаше само за време на војната во 1999 година. Официјални бројки нема. Во владини кругови се зборува за околу 30.000 Косовци кои минатите два месеци ја напуштиле земјата. Но, постојат дипломати во Приштина кои за пореална ја сметаат бројката од 50.000 луѓе. Во косовските медиуми се присутни дури и повисоки бројки. Многу училишта мораа да затвораат одделенија, зашто во овој временски период од државата заминале над 5.200 ученици. Наставниците добиваат отказ, вообичаено полните улици и ресторани во Приштина изгледаат попразни.

Soziologe Artan Muhaxhiri
Социологот Артан МухаџириФотографија: DW/B. Shehu

За земја со само 1,8 милиони жители иселувачкиот бран е посебно драматичен. Сиромаштијата, бесперспективноста, корумпираните политичари и убедувањето дека во Германија, Австрија или други земји ќе биде многу подобро, се главните причини зошто десетици илјади Косовари сакаат да патуваат во правец на Запад.

„Косоварите веќе не им веруваат на политичките партии, на Парламентот или на Владата“, вели социологот Артан Мухаџири во разговор за Дојче веле.

„Затоа тие ја користат првата прилика за едноставно да заминат, во надеж да најдат подобар живот“.

Косово моментно важи за најсиромашната држава во Европа. Стапката невработеност е околу 45 проценти. Над 34 насто од Косоварите живеат во сиромаштија со приходи помали од 1,42 евра дневно. Од нив околу 18 проценти имаат дури помалку од 94 центи дневно на располагање. Постојат меѓутоа и многумина претставници на средниот слој кои ја напуштаат нивната, според приликите, добра работа за илегално да заминат од земјата.

Сонот за живот во Германија брзо се распрснува

Во јануари, според германската сојузна служба за бегалци и миграција, Косовците биле втората народна група по големина од оние кои бараат азил во Германија, веднаш по Сиријците. На трето и четврто место следат лица од Србија и Албанија. Но, се претпоставува дека и меѓу нив има многумина Косовци со српски или албански пасоши.

Bushauptbahnhof Prizren im Kosovo
Автобуска станица во Призрен, КосовоФотографија: DW/R. Alija

Но, за речиси сите Косовци сонот за подобар живот во Германија брзо се распрснува. „Нема азил за Косоварите“, вели Манфред Шмит, претседател на германската Сојузна служба за бегалци и миграција во интервју за Дојче веле. Косово навистина уште не е на листата земји на сигурно потекло како Србија, Босна и Херцеговина и Македонија, но стапката на прифатени барања за азил од косовски државјани е близу нула проценти, вели Шмит. Косоварите кои по одбивањето на барањето за азил нема да ја напуштат Германија во рок од двенедели, мора да сметаат со присилно враќање. Кон тоа доаѓа и забрана за влез во Шенген-просторот во следните пет години.

Така сонот за поубав живот брзо може да стане кошмар. Зашто, многумина Косовари за патувањето во странство ги трошат своите заштеди, го продаваат имотот или позајмуваат пари. „Со тоа не му прават никаква услуга на Косово“, вели еден западен дипломат во Приштина.

Медиумска кампања на владата против иселеничкиот бран

А често ниту себе си, зашто по враќањето многумина се ставени пред нула. Последиците од иселувањето можат да бидат уште подолгорочни: „По овој егзодус во Брисел сигурно ќе се намножат гласовите против либерализацијата на визната политика кон Косово“, вели Душан Рељиќ, раководител на бриселското биро на германската фондација Наука и политика.

„Мора да биде меѓутоа да биде најдено решение за регулирано доселување на луѓе од Западен Балкан“. Досега такво не постои.

Владата во Приштина на притисок на западните дипломати почна медиумска кампања против иселенчикиот бран. Заострени се и контролите во Србија и на унгарската граница. Но, и понатаму преполните автобуси повторно заминуваат во правец на Србија.