Мајка Тереза: почитувана, понижувана и не секогаш разбрана
2 септември 2016Жената која светот ја запозна како Мајка Тереза од Калкута, имаше многу имиња во текот на животот. Беше „Светица на сиромашните“ и „Ангел на милосрдието“. Но исто така и „религиозен империјалист“ или, според британскиот автор Кристофер Хиченс, „фанатик, фундаменталист и измамник“.
Без оглед на критиките, таа секогаш беше повеќе ценета отколку навредувана. Милиони ја сметаа за икона на христијанското милосрдие и глобален симбол на анти-материјализмот и вредната саможртва.
По нејзината смрт во 1997, британската кралица Елизабета предвиде дека Тереза „ќе продолжи да живее во срцата на сите оние кои беа допрени од нејзината несебична љубов“.
Но, оттогаш се расчистија некои нејаснотии околу приватните чувства на Тереза и нејзината комплексна личност. Силната личност која му ја претставуваше на светот со своето ковчесто, строго лице, ја маскираше покршливата, вознемирена душа. Долг период била обременета со сомнеж во верата.
„Има толку противречности во мојата душа“, му напишала на бискупот на Калкута во писмо од 1957 година. „Рајот мене ништо не ми значи, ми наликува на празно место“.
Две години подоцна му напишала на свој пријател свештеник:„ Доколку некогаш станам светица, сигурно ќе бидам светица на темнината; засекогаш ќе бидам отсутна од рајот- за да им го осветлам патот на оние кои се во темнина на Земјата“.
Жестока одбрана на ставовите
В недела, нејзината светост ќе стане официјално благодарение на забрзаниот процес на канонизација.
Во 1979 година, нејзината дејност во сламовите на Калкута беше наградена со Нобелова награда за мир. Во пригодниот говор таа жестоко го бранеше својот пристап во згрижувањето на сиромашните, кој уште тогаш беше предмет на жестока критика.
На оние кои велеа дека контролата на раѓањето е витална за борба против сиромаштијата им одговори дека тоа е „директно убиство од страна на мајката“. На оние кои сметаа дека нејзиниот Ред треба да промовира повеќе развој им одговараше дека таа е мисионер, а не социјален работник.
За многуминаТереза беше аскет и стриктен работник. Но, оние кои ја познаваа подобро прикажуваат поразлична слика за калуѓерката која обожувала чоколадо и сладолед.
„Знаеше да биде многу напорна, а во истовреме, особено кога се правеа грешки, знаеше да биде многу нежна и полна со разбирање“, вели калуѓерката Бриан Колодијчук, членка на нејзниот Ред која беше еден од главните промотори на барањето таа да се прогласи за светица.
„Се чувствуваше дека е мајка. Не знаеше добро да кажува шеги, но имаше смисол за хумор и знаеше да пронајде смешни аспекти во секојдневниот живот“.