1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Мајмунски сипаници: Потребна е внимателност, но не паника

Гудрун Хајзе
24 мај 2022

Мајмунските сипаници не се ни приближно толку опасни како човечките сипаници и често имаат благ тек на болеста. Сепак, експертите советуваат на внимателност, зашто бројот на заразени се зголемува.

https://p.dw.com/p/4Blrb
Symptome Affenpocken
Фотографија: CDC/Getty Images

Прво имаше шест случаи во Велика Британија. Во меѓувреме се погодени и други европски земји, вклучително и Германија, Шпанија, Португалија, Франција и Италија. Болеста е откриена и во Северна Америка, Латинска Америка и Австралија. Експертите се на штрек, но велат дека не треба да се крева паника. Проценката на ризикот од Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), објавена на 23 мај, им советува на земјите од ЕУ „да се концентрираат на брза идентификација, третман, следење контакти и известување за нови случаи на заразени со мајмунски сипаници“.

Земјите исто така треба да ги ажурираат механизмите за следење контакти и дијагностичките капацитети. Друга препорака од ЕЦДЦ е да се провери достапноста на вакцини против сипаници, антивирусни средства и опрема за лична заштита за здравствените работници.

Повеќето од досега заразените лица покажале благи симптоми на болеста. „За општата популација, ризикот од ширење е многу низок“, вели Андреа Амон, директорка на ECDC. „Сепак, веројатноста за натамошно ширење на вирусот преку близок контакт, на пример преку сексуална активност помеѓу луѓе со повеќе сексуални партнери, се проценува како висока“.

Во проценката на ризикот на ECDC се вели: „Преносот може да се случи преку близок контакт на слузниците или неинтактна кожа со инфективен материјал од повреди или преку големи капки во воздухот при продолжен контакт лице в лице“.

Вакцина против човечки сипаници може да штити и од мајмунски сипаници

Мајмунските сипаници се откриени уште во 1958 година. Тие најчесто се појавуваат во западна и централна Африка. Досега многу ретко стигнуваа до други земји.

Според СЗО, вакцинацијата против човечки сипаници (вариола вирус) е ефикасна и против мајмунски сипаници, бидејќи мајмунските сипаници и човечките сипаници се сродни. Поради опасноста и високиот ризик од инфекција со човечки сипаници, СЗО во 1966 година започна кампања за вакцинација, со цел - искоренување на сипаниците. Тоа имаше ефект: во 1980 година, СЗО ги прогласи човечките сипаници (вариола) за искоренети. Оттогаш веќе не се вакцинира против оваа вирусна болест.

Исклучок се луѓето кои работат во лаборатории со вируси за вакцини. Вакцинацијата против сипаници не е само профилакса. Таа штити од појава на болеста и ако се инјектира како постекспозициска вакцина во период до четири дена по инфекцијата.

Symptome Affenpocken
Мајмунските сипаници се откриени во 1958 годинаФотографија: Brian W.J. Mahy/CDC/REUTERS

Многу луѓе не се заштитени со вакцина

Се проценува дека 70 отсто од светската популација во меѓувреме веќе нема ефикасна вакцина против сипаници. Ова е заклучок на британски научници во студија објавена во јули 2020 година во списанието „Вакцина“.

ЕЦДЦ веќе издаде препораки за таканареченото кружно вакцинирање, при што се вакцинираат сите блиски контакти на заразените лица со цел да се изгради круг на имунитет. Тие веќе се спроведуваат во Велика Британија.

Вакцина против сипаници постои. Светската здравствена организација (СЗО) има залихи од вакви вакцини. Многу земји, како САД, Германија, Австрија и Швајцарија имаат свои резерви, па би биле подготвени во случај на појава на човечка сипаница, за што експертите велат дека е крајно неверојатно да се случи.

Како се пренесуваат мајмунски сипаници?

Вирусот на мајмунски сипаници МПВ (Monkeypox virus) е познат уште од 1958 година и досега се појавувал првенствено во западна и централна Африка. Мајмунската сипаница е една од зоонозите, односно болестите кои се пренесуваат од животните на луѓето, пред сѐ од мајмуните и различните видови глодари. Инфекцијата се јавува преку заразени животни, нивните секрети или крв, преку екскреции или преку контакт со ткиво. До инфекција може да дојде и преку контакт со месо од заразени животни.

Периодот на инкубација кај мајмунските сипаници е од 7 до 21 ден. Преносот од човек на човек е можен, но исклучително редок и се јавува само при многу близок контакт.

Symptome Affenpocken
Настануваат меурчиња полни со секретФотографија: CDC/Getty Images

Меѓутоа, доколку се случи пренос од човек на животно и ако вирусот се прошири кај животинската популација, постои ризик болеста да стане ендемична во Европа, проценува ЕЦДЦ. Затоа е потребна тесна меѓусекторска соработка помеѓу човечките и ветеринарните власти.

Кои се симптомите?

Првите симптоми на инфекција со мајмунски сипаници се треска, главоболка, болки во мускулите и грбот. Лимфните јазли отекуваат. Се јавуваат забележливи промени на кожата, таканаречени кожни ефлоресценции. Во зависност од фазата на болеста, овие промени на кожата се слични на оние кај варичела или сифилис.

- повеќе: Мистериозна епидемија во Европа: колку се опасни мајмунските сипаници?

Може да се развијат нодули, везикули или пустули. Тие обично се појавуваат прво на лицето, а потоа се шират на други делови од телото, како нозете и рацете. Во некои од случаите пријавени во мај годинава имало и промени на кожата во урогениталниот дел. Погодени биле пред сѐ хомосексуалци. Според германскиот институт „Роберт Кох“ (РКИ) тие во случај на невообичаени промени на кожата треба „веднаш да побараат медицинска помош“.

Zentralafrikanische Republik Patienten mit Affenpocken
Мајмунските сипаници досега се појавуваа пред сѐ во западна и централна АфрикаФотографија: CHARLES BOUESSEL/AFP

При зараза со мајмунски сипаници, текот на болеста е обично благ

Човечките сипаници (вариола) се потенцијално опасни по живот и многу заразни. Тие се пренесуваат од човек на човек преку допир или инфекција со капки. Првите симптоми се симптоми слични на грип. Тие вклучуваат, на пример, болки во телото и замор. Потоа се појавува карактеристичниот осип на кожата. Него го има на лицето, рацете и нозете. Се развиваат пустули кои на почетокот се полни со секрет, а подоцна со гној. Болеста веќе 40 години важи за искоренета и веќе не се дава вакцина против неа.

Додека човечката сипаница (вариола) обично има тежок тек и често е фатална, инфекцијата со мајмунска сипаница е многу поблага и пациентите обично закрепнуваат за неколку недели. Но, постојат исклучоци. Според РКИ, децата под 16-годишна возраст заразени со централноафриканската варијанта на мајмунски сипаници имаат стапка на смртност до единаесет проценти. Западноафриканската варијанта, која се јавува во Европа и САД, доведува до смрт кај околу еден процент од сите заболени.