1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МВР и Обвинителството слепи пред паравоените структури?

7 април 2017

Опасен е институционалниот молк пред формирањето на разни „патриотски здруженија“ кои деновиве се обединиле во Македонски национален фронт, предупредуваат аналитичари, со став дека сите тие се организирани од еден центар

https://p.dw.com/p/2aqK3
Mazedonien Skopje Hauptquartier des Innenministeriums
Какви мерки ќе преземе МВР?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ширење психоза за конфликт, дупнат балон од кој издишува воена реторика или реална опасност? Додека јавноста се прашува кој стои зад најавената борба на разни задруженија со префиксот МПЗ (Македонско патриотско здружение), надлежните молчат. Министерот за внатрешни работи вчера беше „службено отсутен“, директорот на Бирото за јавна безбедност недостапен, исто како и од Основното јавно обвинителство, од каде изостана одговорот дали ќе поведат постапка по допрен глас. А тој глас стигна од провладини медиуми кои „дознаваат дека граѓани самоиницијативно се организираат во народни бригади и се прават списоци за итна мобилизација, за со сите средства да бидат чувари на државата и на институциите ако СДСМ да сака да ги узурпира институциите“. Покрај најавениот зачеток на „народни бригади“, во Македонија веќе јавно дејствуваат над 20 регистрирани т.н. патриотски здруженија, од кои едно уште вчера покажа како ќе ја „брани“ Македонија. Група од десетина членови на МПЗ „Пере Тошев“ Прилеп, сите со истакнат амблем на здружението, синоќа се обиделе физички да се пресметаат со новинарот на „Плусинфо“ Божидар Барлакоски, кога тој се враќал од Собранието. Новинарот успеал да избега од групата која тргнала по него со пцовки и епитет „предавничко копиле“, и настанот го пријавил во полиција.

Обединети во Фронт!

МПЗ „Пере Тошев“ е формирано на 11-ти февруари годинава во Прилеп, веднаш по  формирањето на велешкото здружение „Андон Ќосето“ и битолското „Тодор Александров“. На промоцијата пред прилепчани, неговото формирање е објаснето како резултат на созреаната потреба на „исконскиот македонски стремеж за зачувување на територијалниот интегритет и националните и државни интереси од сите странски и домашни структури кои работат против македонскиот народ и држава“. Ова и уште 23 други здруженија со префиксот МПЗ, на 3-ти април во Велес одржале конститутивна седница на која се обединиле во Сојуз и потпишале „Повелба за стратегиска соработка за заштита на виталните национални и државни интереси на Република Македонија“. За да бидат што подобро организирани и да си помагаат во исполнување на целите и задачите, формирале и Управа на Македонскиот национален фронт што ја сочинуваат сите претседатели на МПЗ, кои „се заветиле дека заедно ќе ги носат одлуките и акциите што ќе ги организираат“

„Народот денес повторно се крена и повторно сам се организира исто како во 1903 година. Свеста кај Македонецот проработува повторно, бидејќи државата е во опасност од некои центри и структури кои сакаат да ѝ ја свиткаат кичмата на нацијата“, изјавил Јане Ченто, еден од иницијаторите на Македонскиот национален фронт.

Во Повелбата потпишана од 24 здруженија се потенцира дека прашањето за опстанокот и просперитетот на државата не е само работа на политиката и институциите на власта, туку пред сѐ, витален интерес на народот кој е активен субјект и гарант за заштита на националните и државни интереси.

„Свечено изјавуваме и се колнеме дека по секоја цена ќе работиме на нивно остварување, а секое отстапување од Повелбата да се цени за национално предавство во Македонија. Сите ние, долупотпишаните патриотски сили во земјата, ќе се бориме со сите дозволиви средства и методи против сите облици за рушење на Република Македонија“, пишува во Повелбата.

Ilinden - Nationaltag Feier in Krusevo Mazedonien
Во Македонија веќе јавно дејствуваат над 20 регистрирани т.н. патриотски здруженија. Архивска фотографија - Крушево (02.08.2016)Фотографија: Vidana Boskova Micevska

Лојални на партијата

Кој стои зад овие здруженија? Д-р Благоја Марковски, воено-политички аналитичар и претседател на Балканскиот форум за безбедност, укажува дека треба да се има предвид оти тие не никнуваат „спонтано“, туку однапред се организирани од еден центар кој ги координира сите овие групи и активности.

„Појавата на разни здруженија во последно време е резултат на повикот на ВМРО-ДПМНЕ за 'десоросоизација', односно за создавање на други здруженија кои ќе ѝ бидат лојални на оваа партија. Ако се има предвид кон што се стремат со нивните активности, од безбедносен аспект воопшто не станува збор за наивна појава, бидејќи во одреден момент може да бидат употребени за цели на организаторот. И нивното здружување во Сојуз е направено со иста цел: лојалност кон партијата. Тоа може да биде доста опасно и да ги попречува настојувањата на демократските сили во Македонија за осободување на заробената држава. Се плашам дека овие здруженија ќе бидат злоупотребени и за оневозможување на работата на Собранието, со цел мнозинството да не може да избере претседател на парламентот и да формира влада“, вели Марковски.

Индиции дека се координира од ист центар се појавија и во вчерашниот „вонреден проглас“ на иницијативата „За заедничка Македонија“, која на својот Фејсбук-профил ги повика граѓаните: „Бидете на готовс, доаѓа времето за финалната победа“. Голем број од членовите на т.н. патриотски здруженија со нивни видливи обележја редовно учествуваат на овие протести. Извори од МВР велат дека тие се однесуваат во стилот „никој ништо не ни може“, што јасно укажува дека имаат политичка заштита. На овој аспект укажува и Марковски.    

„Вакво непречено организирање на паравоени структури, кое подлежи на Кривичниот законик, говори и потврдува дека зад нив стојат фактори кои им даваат храброст и гаранции да го прават тоа, што ги прави уште поопасни во нивна евентуална активност за потребите на нарачателот. Сепак, се надевам дека нема да се случи некакво насилство, бидејќи за конфликт се потребни двајца, а на улиците е само еден“, вели Марковски.

За да не остане сѐ само на надежта, јавноста очекува МВР и Обвинителството да преземат соодветни, и што е уште поважно - навремени мерки.