МВР ќе „пресече“ за државјанствата
17 декември 2020СДСМ не ги поддржува измените на Законот за државјанство, поднесени од пратеници на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Владејачката партија има сериозни забелешки на предлог-текстот, кој веќе неколку денови на бранува јавноста. Во него се предлага оној што сака македонско државјанство, да обезбеди изјави на кои било три лица што ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на Македонија до 8 септември 1991 година или, пак, изјава на само едно лице што во тој период било жител или сѐ уште живее во местото во кое живеел барателот. Владејачката партија ја поддржа идејата ваквите измени да се разгледуваат во Собранието по скратена постапка, но сега бара да се направат корекции во текстот, со цел тој да не биде извор на нови прашања и проблеми во иднина. Мислење за предлогот се чека од МВР - институцијата којашто е надлежна за издавањето на македонски државјанства.
Потребни се измени
„За измените на текстот на законот, ќе разговараме со предлагачот и со другите пратенички групи и тие измени ќе ги направиме по пат на амандмани, а целта ќе биде обезбедување поширок консензус за да се дојде до соодветно решение“, велат од СДСМ. Партијата информира дека измените на текстот на Законот за државјанство влегуваат во скратена процедура во Собранието, бидејќи се работи за долгогодишен проблем за државата. „Корекциите кои што ќе ги побараме ќе бидат во насока на почитување на меѓународните стандарди за решавање на вакви проблеми. Решението треба да биде системско и одржливо за да не дојдеме во ситуација со решавање на ова прашање да отвораме други прашања“, е ставот на владејачката партија.
-повеќе на темата: Со тројца сведоци до македонско државјанство?
За предлог-законот за државјанство МВР ќе излезе со став в понеделник. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција информира дека вчера во МВР го добиле на мислење овој законски предлог, а експертите од оваа област го разгледуваат и ќе дадат мислење во однос на ова законско решение, по што ќе биде упатено до Собранието.
Нема точни бројки за државјанствата
На новинарско прашање до каде е постапката за добивање државјанство на лица кои го немаат и колкав е нивниот број во нашата држава, Спасовски вели дека се работи на детектирање на сите пропусти и слабости на постојното законско решение и што може да се подобри за да може граѓаните да ги остварат правата на државјанство.
„Имаме одредени проценки во однос на бројот на лица кои немаат државјанство, но тоа не се детални бројки заради тоа што кога ќе се отвори тој процес, ќе имаме пријава на граѓаните кои немаат државјанство во Северна Македонија. Кога ќе биде комплетно во делот на праваната регулатива и потребата од измена на законското решение, во детали ќе образложиме како и на кој начин ќе се измени Законот и за новите моменти што ќе овозможат добивање државјанство на граѓаните“, рече министерот.
Никој засега не знае колку нови државјани ќе добие Северна Македонија со предлог-измените на Законот за државјанства што го предложуваат албанските опозициски партии. Откако седум пратеници на опозициските Алијансата за Албанците и Алтернатива предложија измена на Законот за државјанство, пратеникот и лидер на владејачкиот Демократски сојуз, Павле Трајанов реагираше дека овој предлог предвидува да им се признае државјанство на над 70.000 граѓани, кои, покрај друго, може да докажат дека имаат постојан престој со двајца сведоци.
Реакции во јавноста предизвика и предлогот тој што ќе добие македонско државјанство „да владее најмалку еден од службените јазици во Северна Македонија, до тој степен да може лесно да се разбере со околината“. Во законот е предвидена можност за државјанство и за потомците на иселениците. Како што се наведува во измените, можноста за добивање државјанство со природување му се дава и на иселеник на кој со досегашната примена, заради условите во законот, ова право му беше ограничено на законски минимум и постоеше правна пречка за негово остварување и од тие причини ваквата можност му се дава и на потомокот на иселеникот од прво и второ колено откако ќе ги исполни законските критериуми. Законските измени се поврзани со претстојниот попис.