1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел ги елиминира конкурентите

Фолкер Вагенер/ Превод: Жана Ацеска20 мај 2012

Ангела Меркел енергично реагираше на убедливиот пораз на нејзината партија во покраината Северна Рајна Вестфалија и го отпушти министерот за екологија, Норберт Ретген, врвниот кандидат. Потег кој заслужува внимание.

https://p.dw.com/p/14xYy

Толку брзо од мајчин миленик се станува несакан син. Само три дена по најлошиот изборен резултат за германските христијански демократи (ЦДУ) во најголемата, и за партијата најважната, сојузна покраина, Северна Рајна Вестфалија, Ангела Меркел изрече максимална казна за неуспехот. Сопартиецот Норберт Ретген, министер за екологија во кабинетот на Меркел, така може да се каже, во средата беше отпуштен.

Највисока казна против Ретген

Канцеларката презеде мерки против одговорниот за историски најголемиот пораз за конзервативците на Рајна и Рур. Ретген не и‘ сигнализираше на својата партија дека во случај на неуспех сака да остане во Диселдорф како предводник на опозицијата. Капитална грешка. Меркел можеби можеше и да му прости. Но, тоа што изборите во 18-милионската покраина ги прогласи за изборен тест за курсот на канцеларката во европската должничка криза, и за Меркел ја прелеа чашата. Вообичаено во Германија смените на министрите се одвиваат со заемна согласност, во случајов не беше така. Ретген едноставно беше исфрлен од екипата на Меркел. Во секој случај не само поради изборниот дебакл.

Deutsche Welle Zentralredaktion Volker Wagener
Фолкер Вагенер, автор на коментаротФотографија: DW

Незавршените задачи на министерот за екологија

Меркеловата казна кон Ретген има и суштинска политичка заднина. Министерството за екологија, ресор кој настана под впечатокот на катастрофата на реакторот во Чернобил, по Фукушима се издигна до клучно министерство за коалицијата во Берлин. Со забележителната трансформација на физичарката Меркел од поборник на атомската енергија во нејзин противник, така речи преку ноќ беше превреднуван и Норберт Ретген. Тој требаше да го организира преминот од едниот во друг вид енергија. Но, иако без проблеми функционираше исклучувањето на осумте стари германски нуклеарки под впечаток на сликите и вестите од Јапонија, останатите енергетски прашања останаа незавршени. Прашањето за крајниот склад за атомскиот отпад е отворено, исто како и поддршката за соларната енергија, трошоците за новите мрежи на електрична енергија, а сето тоа произведува повеќе негативни наслови во медиумите отколку што и‘ е по волја на канцеларката. Таа конечно со преминот од атомска на обновливи енергии сакаше да му покаже на светот дека тоа функционира во голема индустриска држава. Затишјето на бројни енергетски градилишта Ретген сега го плати со отказот.

Меркел нема „природни непријатели“ во ЦДУ

Со Ретген, политички е исфрлен последниот внатрепартиски конкурент на Меркел. Тој се‘ уште не беше вистински ривал, туку повеќе амбициозен политичар со перспектива во иднина, по ерата на Меркел. Тој беше единствениот сериозен конкурент на Меркел. Таа сега е толку неприкосновена на врвот на партијата како некогаш Хелмут Кол.

Партијата денес не може да се споредува со онаа ЦДУ непосредно по „залезот“ на Кол. Со Волфганг Шојбле, Роланд Кох, Кристијан Вулф, Едмунд Штојбер или Јирген Ритгерс во конзервативниот табор имаше на располагање редица „природни“ наследници. Ниеден не се проби, Меркел сите ги отстрани, ги пренасочи или политички ги надживеа. ЦДУ сега остана без персонал на врвот. Се‘ додека Меркел ги добива изборите со својот природен авторитет, партијата може да живее со тоа. Оваа вертикална структура на моќта ќе биде проблематична дури кога ѕвездата на Меркел ќе почне да потемнува.