Меркел до Заев: Парламентот да одлучи за уставните измени
9 октомври 2018Германската канцеларка Ангела Меркел оценува дека големо мнозинство од над 90 проценти од оние кои гласале на референдумот се изјасниле за поддршка на Договорот со Грција за решавање на спорот за името. Во писмо адресирано до македонскиот премиер Зоран Заев, Меркел вели дека сега е задача на парламентот да го спроведе договорот до крај.
„Спогодбата отвора шанса за историски договор и зајакнување на добрососедските односи. Притоа, се отстранува од патот и една важна пречка за приближувањето на Вашата земја кон ЕУ и НАТО. Сега е важно да се преземат следните критични чекори за имплементирање на договорот за името, со тоа што парламентот ќе одлучи за неопходните уставни измени“, наведува Меркел во писмото.
На крајот таа порачува дека се радува што и натаму „ќе работи на остварување на оваа цел“ заедно со македонскиот премиер.
Германската канцеларка во септември годинава ја посети Македонија и тогаш порача дека земјата е исправена пред историска шанса. Меркел тогаш ги повика граѓаните да излезат и да го дадат својот глас на референдумот, и со тоа да ја одредат иднината на државата. Тоа беше прва официјална посета на германски канцелар на Македонија, по кусата на Герхард Шредер во 1999 година.