Меркел е подготвена за битка!
20 септември 2016Ангела Меркел успеа да се претстави како самокритична, но и одлучна, во исто време. Таа презеде целосна одговорност за рекордно лошиот резултат на нејзината партија на регионалните избори. Но, во исто време делуваше и одлучно, убедено и дури и мирно- како да е нов кандидат на ЦДУ за сојузните избори во 2017 година.
„Кога би можела, би го вратила времето многу, многу години назад“. Тука звучеше Меркел меланхолично. Политиката е за тука и денес и за иднината. Оние кои сакаат да гледаат премногу далеку во минатото на крајот гледаат во столбови од сол, како во библиската приказна за сопругата на Лот. Но според Меркел многумина се виновни за неуспехот веднаш да се започне со предизвикот за справување со бегалската криза. „Господ знае дека не сме светски шампиони во помагање на луѓето во брза интеграција“.
Ангела Меркел полека ги процесуира грешките од последните години и слабостите во нејзината политика, или поточно, слабостите во ефективната комуникација на нејзините политики. Таа повеќе не сака да ја повторува фразата „Ќе успееме“- која загуби секакво значење. Наместо тоа, сака да се фокусира на промени во Даблинскиот договор на ЕУ, кој претставува законска рамка за прием и дистрибуција на бегалците во рамките на ЕУ. Таа е „целосно посветена“ на тоа, „ситуација“ како во 2015 никогаш да не се повтори. Но, останува на одлуката која ја донесе минатата година. И има „апсолутно сигурно чувство“- и тука Меркел сакаше да ги покаже своите емоции- „дека Германија ќе излезе подобра од овој тежок период“.
Невообичаена самокритичност
Делуваше како да гледате емоции на физичар додека спроведува успешен експеримент. Но сепак, тешко е да се игнорираат така невообичаено самокритични зборови од канцеларката и претседателка на партија.
Нејзините воведни зборови траеја 13 минути- тоа е невообичаено долго за изјава на една прес-конференција. Резултатите од изборите во нејзината матична покраина Мекленбург Предна Померанија и во Берлин силно ја потресоа и неа и нејзината партија. И тоа беше видливо на Меркел.
Според извештатите од учесниците, состанокот на извршното тело на ЦДУ минал мирно. На него не се дискутирало за последиците ниту се отворило прашањето за евентуалниот кандидат за канцелар на следните избори. Се воделе сериозни дискусии за помирување со сестринската партија ЦСУ и за изнаоѓање начин да се смири стравот во јавноста. Меркел секако е свесна дека нема да успее да го смени мислењето на оние кои сметаат дека „Меркел мора да си замине!“ Но можеби тоа беше причината што таа конечно реши да се отвори и да покаже емоции.
Меркел се уште не загубила, и не сака да биде поразена. Таа се обидува да победи. Иако не ја најави својата кандидатура за канцелар- или можеби не беше во можност да го стори тоа- нејзиниот пркос и одлучност покажаа дека таа е подготвена за избори.