1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел залудно бара алтернатива за Вучиќ

Ненад Крајцер
19 септември 2019

Трета посета на Берлин за помалку од една година, но само прва официјална, за српската премиерка Брнабиќ. Аналитичари проценуваат дека Меркел бара алтернатива во неа откако претседателот Вучиќ не си го одржа ветувањето.

https://p.dw.com/p/3PrI4
Berlin Bundeskanzlerin Angela Ana Brnabic Ministerpräsidentin  Serbien
Фотографија: Imago Images/photothek/J. Schmitz

Иако премиерката Ана Брнабиќ е чест гостин во Берлин, а со германската канцеларка Ангела Меркел се гледа и на меѓународни конференции, вчерашната посета на на Берлин (18.9), беше нејзина прва официјална посета на Берлин во повеќе од две години на чело на владата.
Во склад со тоа, доби и воени почести и свирење на химната, по што двете државнички се повлекоа во нејзиниот кабинет, на работен ручек. Се разговарало повеќе за економијата, а помалку за политиката.
На прес-конференцијата по средбата, беа издвоени само неколку зборови за односите меѓу Србија и Косово. Во посебна изјава за новинарите од Србија, по пресот, Брнабиќ само објасни дека германската страна не се изјаснувала за евентуално попуштање кога е во прашање решението кое би се засновало на разграничување.
„Германската страна по тоа прашање не рече ништо, ниту предложи нешто ново“, рече Брнабиќ.
На конференцијата за новинари, Меркел изјави дека дијалогот во моментов е блокиран поради изборите на Косово. Таа ги демантираше новинарските текстови според кои Берлин и Париз сакаат да именуваат сопствен претставник во разговорите за иднината на односите меѓу Белград и Приштина.

Разочарани во Вучиќ?

Фактот дека Брнабиќ во премиерна посета доаѓа две години по именувањето, е необична само на прв поглед. Некои аналитичари проценуваат дека тајната на таа „доцна посета“ лежи во односот на канцеларката кон српскиот претседател Александар Вучиќ. Долгогодишниот дописник на германската новинска агенција ДПА од Белград, Томас Бреј, пред средбата за ДВ оцени дека Меркел во премиерката Брнабиќ бара алтернатива за дијалогот со Вучиќ.
„Вучиќ не го заврши својот дел од премолчаниот договор меѓу Белград и Западот, и не ги доведе односите меѓу Србија и Косово на посакуваното ниво- додека за возврат, Западот премолчуваше за катастрофалната состојба во правосудството и медиумите во Србија. Затоа што Вучиќ не го исполни својот дел од договорот, Меркел сега бара алтернатива во директен дијалог со премиерката Брнабиќ“, вели Бреј.
Тој притоа додава, дека тоа уште еднаш ја покажува неинформираноста на германската дипломатија на Балканот. „Очигледно во Берлин се уште не сфатиле целосно дека во Белград конците ги влече Вучиќ и дека без него нема донесување одлуки“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема