Меркел заработува трошка од она што го земаат врвните менаџери
16 мај 2012Платите на канцеларот, министрите и државните секретари треба да се зголемуваат во три чекори до август 2013 година, и тоа вкупно за 5,7 проценти. Така, канцеларката Меркел до средината на наредната година треба да добие плата повисока за 930 евра, односно ќе заработува 17.016 евра месечно. Тука се додаваат и околу илјада евра за особени финансиски оптоварувања што со себе ги носи извршувањето на функцијата.
Платите на министрите, согласно заклучокот, до август 2013-та ќе се зголемат за 750 евра и е изнесуваат 13.795 евра, додека парламентарните секретари ќе заработуваат по 10.573 евра.
Ова е прво зголемување по цели 12 години. Сојузната влада во изминатите години се откажуваше од зголемување на платите, кои инаку, споредени со она што го заработуваат врвните менаџери во државата, се исклучително мали. Така на пример, шефот на „Фолксваген“ Мартин Винтеркорн во 2011 година заработил повеќе од 16,5 милиони евра годишно, шефот на „Дојче Банк“, Јозеф Акерман, заработил околу 9,4 милиони евра, а првиот човек на „Сименс“, Петер Лешер во џебот ставил 8,7 милиони евра. Милионски износи заработиле и шефот на „Дајмлер“, Дитер Цече (8,6 милиони евра), првиот човек на концернот „Линде“ Волфганг Рајцле (6,7 милиони евра), шефот на „БМВ“ Норберт Рајтхофер (6,1 милиони евра). Над пет милиони евра заработиле и првите луѓе на „Адидас“, „Хенкел“ и „Дојче Пост ДХЛ“.