1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел предупредува од корона-мутациите

Сузане Ајкенфондер
11 февруари 2021

Германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот го бранеше повторното продолжување на локдаунот. АфД и' префрла на владата дека со тоа го крши законот. Либералите сметаат дека парламентот не е доволно вклучен.

https://p.dw.com/p/3pE4R
Deutschland Coronavirus Angela Merkel Bundestag
Фотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Германската канцеларка Ангела Меркел го бранеше повторното продолжување на локдаунот до 7 март. Во Германија никогаш немало вакви ограничувања на слободата, но рестрикциите се сепак донесени во согласност со демократските начела, рече Меркел во нејзиното обраќање во Бундестагот.

„Многу реална закана“

Меркел е задоволна од развојот на ситуацијата и бројот на заразени. „Има тренд на намалување,“ рече канцеларката. Истовремено ја посочи опасноста која демне поради мутациите на вирусот. Во Германија засега се регистрирани една британска, јужноафриканска и бразилска мутација. Тие се многу поагресивни и полесно преносливи од досегашните форми. Експертите се сигурни дека е само прашање на време кога мутациите ќе надвладеат над оригиналната форма на вирусот. Ова е една „многу реална закана“, рече Меркел. Мутациите се една од причините зошто сојузните и покраинските власти решија олабавувањата да не го врзуваат на конкретен датум, туку да се водат според инциденцијата. „Вирусот не се ориентира по датуми.“

Инциденцијата сега е 64

Меркел посочи дека таканаречената седумдневна инциденција е 64,2 (претходно беше 68) и е во опаѓање. Вредноста се пресметува според бројот на заразени на 100.000 лица во рок од една недела. За почетокот на март, според Меркел, се очекува таа да падне на 50. Тогаш ќе може да се зборува за олабавувања на мерките и понатамошни чекори на отворање.

Редуцирање контакти, работа од дома

Канцеларката повторно, по којзнае кој пат, ја нагласи важноста личните контакти да се намалат на минимум. Треба да се избегнуваат и приватни патувања, вклучително и посети кај роднини. Меркел уште еднаш апелираше до работодавачите онаму каде што е возможно да се работи од дома.

Зборуваше и за големо потфрлање во начинот на кој минатата есен се справувале со пандемијата. Летото 2020 во Германија повторно беше возможно да се води колку толку нормален живот. „Но, потоа не бевме доволно претпазливи и не реагиравме доволно брзо“, призна Меркел. Политиката не успеа доволно брзо да го затвори јавниот живот за да се спречи раст на бројот на заразени. Бројките експлодираа како „последица на колебливото дејствување“.

Многу повеќе од 60.000 починати

Во тој контекст канцеларката потсети на сите што починале со или од корона вирусот. „Тие мртви, а тоа се далеку повеќе од 60.000 лица, се наши мајки, татковци, деца, роднини, пријатели кои не можевме да ги спасиме”, рече Меркел и нагласи: „Тагата за нив и сочувството со нивните блиски секогаш нѐ водат кога носиме одлуки во пандемијата. Тоа им го должиме.”

Како прв говорник шефицата на пратеничката група на АфД, Алис Вајдел, остро ја критикуваше владината политика. Едно „друштво” повторно се договорило за масовен упад во животот на луѓето, смета таа. На владата и' префрли дека делува противуставно и спомена колатерални штети од немерливи размери. Вајдел ја праша владината коалиција дали сака државата да ја доведе до нивото на земја во развој. Шефицата на АфД оцени дека граѓаните се чувствувале потценети и изиграни.

Bundestag Alice Weidel
Алис Вајдел, АфДФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Шефот на Социјалдемократите, Ролф Мицених, смета дека новите заклучоци се оптоварување, но продолжувањето на локдаунот било „соодветно, неопходно и од издржани причини”.  Во обраќање пред пратениците сепак побара перспектива кога ќе може да има олабавувања. Тоа мора да се случи со помош на „разбирливи критериуми”, бара Мицених, кој посочи и дека апсолутна вистина во ваква егзистенцијална криза, не постои.

Bundestag Rolf Mützenich
Ролф Мицених, СПДФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Бундестагот недоволно вклучен во одлуките

Шефот на Либералите, Кристијан Линднер, рече дека „со оглед на големата исцрпеност во општеството” заклучоците се разочарувачки. „Многу луѓе очекуваа повеќе од свежо потстрижување”, рече тој во Бундестагот, алудирајќи на отворањето на фризерските салони на први март. Линднер на владата повторно и' префрли дека недоволно го вклучува парламентот во носењето на одлуките. За плановите на владата уште во вторникот се пишуваше во медиумите.

И шефот на Левицата, Дитмар Барш, критикуваше дека Бундестагот повторно бил информиран дури откако биле донесени заклучоците. На владата и' префрли дека не набавила доволен број вакцини.

Зелените бараат јасна перспектива

Шефицата на пратеничката група на Зелените, Катрин Геринг-Екарт, бара појасна перспектива за натамошното постапување во пандемијата. Покрај тоа, бара поголемо внимание да се обрне на децата и младинците, кои според неа не би требало да се остават со месеци дома без образовната компонента.Политичарката од Зелените ги критикуваше и постапките на владата во однос на субвенционирањето на бизнисите. „Субвенциите се огромен неуспех на владата”, рече и додаде: „Дајте си поттик и помогнете им на луѓето навистина.”

Deutschland Bundestag
Катрин Геринг-Екарт, Сојуз 90/ЗелениФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance