1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Можни се позитивни промени

Кај-Александер Шолц
31 декември 2019

Пред почетокот на новата деценија, Меркел ги повика Германците да бидат храбри, да имаат доверба и да размислуваат на нов начин. Како најголеми предизвици ги наведе промената на климата, дигитализацијата и миграцијата.

https://p.dw.com/p/3VWsb
Angela Merkel Neujahrsansprache SPERRFRIST
Фотографија: Reuters/M. Tantussi

На прагот на новата година и истовремено новата деценија, канцеларката побара од граѓаните да бидат полни со верба: „Дваесетите можат да бидат добри години. Да дозволиме повторно да не‘ изненадат нашите способности. Промени на подобро се можни доколку бидеме  отворени за прифаќање на нови нешта,  доколку имаме храброст да ги напуштиме познатите патишта и почнеме да размислуваме на нов начин, со одлучност за забрзување на делата“, истакна Меркел.

Климата - еден од најважните предизвици

Во својот новогодишен говор, кој вечер ќе биде емитуван во целост на германската телевизија, канцеларката наведе три најкрупни актуелни предизвици: дигитализацијата на работните процеси, сузбивање на причините кои доведуваат до бегалски бранови од континентот Африка и пред се‘ –  промената на климата.  Со оглед што климатската промена е предизвикана од луѓето, „мораме да преземеме се‘ што е во наша моќ за совладување на овој предизвик исправен пред човештвото“, рече Меркел.

Таа во неодамна усвоениот климатски пакет од страна на државата гледа добра база врз која може да се врши доградување. Свесна е дека договорените мерки „на некои им предизвикуваат страв дека нема да може да се справат со нив, а за некои пак ни оддалеку не се доволни“. Но, Германија може да се потпре на она што отсекогаш било нејзина силна страна: идеи, иноваторски дух, трудољубивост и упорност. Таа како канцеларка ќе ја употреби целата своја моќ за Германија да го даде својот придонес во напорите за справување со промената на климата на еколошки, економски и социјален план. На овој начин Меркел упати сигнал и кон другите политички партии – дека нема намера за еднострано спроведување заштита на климата.

Канцеларката подвлече дека компас во следната деценија мора да останат уставните принципи и социјалната пазарна економија. И во дигиталната ера треба да важи правилото според кое „техниката им служи на луѓето“, а не обратно.

Во целина, Меркел гледа добри причини за постоење верба кај луѓето. Таа потсети на  германското обединување,  чија 30-годишнина ќе биде одбележана во 2020 година. Во изминатава година во Германија беа водени интензивни дебати околу политичките, економските и социјалните последици на германско-германското обединување. Според канцеларката, постигнато е нешто величенствено, но  остануваат уште работи кои треба да се направат,  повеќе отколку што се мислело пред 30 години. Притоа, „важно е концентрирање на заедништвото, на нештата кои не‘ поврзуваат.“

Во својот говор Меркел во два наврати се осврна на политичаката поларизација во Германија и нејзините последици. На професионалните и волонтерските политичари таа им вети заштита од „омразата, непријателството и насилството, од расизмот и антисемитизмот“, што е задача на државата, а сојузната влада се чувствува во тоа посебно обврзана.

Германија и ЕУ во 2020 година

На крајот Меркел ги најави плановите на германското претседателство со Советот на Европската унија во втората половина од 2020 година. Планиран е самит со Кина и конференција со африканските држави. Меркел ја истакна важноста на ЕУ во геостратешките судири на вредности и интереси.

Канцеларката упати посебна благодарност до сите кои се на служба далеку од татковината, како војниците, полицајците и цивилните помагачи, посакувајќи им на сите здравје и радост во Новата 2020 година.

Годинашното новогодишно обраќање на Ангела Меркел е нејзино 15-то по ред. Тоа веројатно ќе биде и нејзино претпоследно – следните избори за Бундестагот се одржуваат во 2021 година, а Меркел нема да се кандидира за канцелар.