1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел набива темпо

Нина Веркхојзер
5 март 2018

По вчерашното „да“ на членовите на СПД за голема коалиција, Ангела Меркел сака брзо да почне со работа. Таа треба да биде избрана за канцеларка на 14 март, но сѐ уште нема листа со министри од редовите на СПД.

https://p.dw.com/p/2tiXm
Angela Merkel CDU
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Ангела Меркел изутринава даде само куса изјава во партиската централа на ЦДУ во Берлин. Но, делуваше олеснето што сега веќе нема пречки за нејзиниот избор за канцеларка. Резултатот од гласањето на членовите на СПД е „една многу, многу добра основа“ за заедничка соработка во владата, нагласи Меркел, која сака наскоро да има стабилно мнозинство зад себе во Бундестагот. На тоа работеше речиси половина година.

Во последните месеци Ангела Меркел како „вршител на должност“ канцеларка можеше да дејствува само во одредени граници, а така беше и со останатите министри. Сега таа врши притисок за новата влада да почне со работа што е можно побрзо. „Ќе биде важно како влада да почнеме брзо со работа“, изјави таа, додавајќи дека по речиси 6 месеци од изборите луѓето во Германија имаат право да го бараат тоа. Коалициониот договор, според Меркел, е „книга полна со задачи“, кои мора да се исполнат.

Повеќе:  Тргнуваме, но не како досега - почнува најтешкиот мандат на Меркел

Штајнмајер ја предложи Меркел за канцеларка

„За нашата земја е добро што помина фазата на несигурност“, оцени Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер по гласањето на СПД-членството за голема коалиција. Сега тој, согласно Уставот, на Бундестагот му ја предложи Ангела Меркел за канцеларка. Планирано е изборот во парламентот, кој се одвива тајно, да се одржи на 14 март. Меркел има искуство со ваквите процедури. Во текот на претходните три избори за канцеларка (2005, 2009 и 2013 година) таа уште во првиот круг гласање успеваше да го добие неопходното апсолутно мнозинство гласови. Веројатно така ќе биде и сега - ЦДУ, ЦСУи СПД заедно имаат 399 од вкупно 709 места во Бундестагот.

Deutschland Berlin Kabinettssitzung Merkel und Nahles
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Да се вклучат и критичарите на големата коалиција

И во СПД преовладува олеснување по зеленото светло од членството за голема коалиција. Колку многу поларизираше големата коалиција врвот на СПД почувствува од прва рака во последните недели. На голем број дискусии во целата земја противниците на голема коалиција ја изразија својата скепса. Соодветно на тоа, голема беше нервозата на партиското раководство додека се пребројуваа гласовите на партиските членови. На крајот 66% гласаа со „да“. Сега двата табора, значи застапниците и противниците на голема коалиција, би требало повторно да се обединат, изјави генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл. Идеите на критичарите, предводени до шефот на социјалдеморкатската младина Кевин Кинерт, не смеат да се турнат под тепих. „Потребни ни се идеите на младите во нашата партија, потребни ни се идеите на Кевин Кинерт, идеите на другите“, рече Клингбајл.

Се чека листата со министри од СПД

Со позитивното изјаснување на членството на СПД за голема коалиција отстранета е важна пречка на патот кон составување влада. Но, новите кабинет сѐ уште не е „на нозе“. СПД сѐ уште дискутира кого да го испрати во владата. Се вели дека за шесте министерски места се предвидени три жени и тројца мажи - меѓу нив искусни министри и нови лица. За веројатно се смета дека министерството за финансии ќе го води градоначалникот на Хамбург, Олаф Шолц, кој сега е в.д. лидер на СПД. Нејасно е дали Зигмар Габриел ќе остане министер за надворешни работи или ќе го напушти кабинетот.

Повеќе:

-Мартин Шулц се откажува и од министерските амбиции

Андреа Налес- прва жена на чело на германските социјалдемократи

По ЦДУ, сега и баварската сестринска партија ЦСУ ги објави имињата на новите министри. Министертсвото за економска соработка и развој треба и натаму да го води актуелниот министер Герд Милер. Шефот на ЦСУ, Хорст Зехофер треба да го преземе Министерството за внатрешни работи, кое ќе се прошири и ќе биде Министерство за внатрешни работи, градежништво и татковина. Нов министер за сообраќај пак, треба да биде генералниот секретар на ЦСУ, Андреас Шојер.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид