1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел не сака да биде запишана во историјата како мрзлива

БГ /АФП
20 мај 2021

По речиси 16 години на чело на најголемата европска економија и честопати прогласувана за најмоќна жена на светот, германската канцеларка Меркел има само една желба пред пензионирањето.

https://p.dw.com/p/3tgGP
Deutschland Impfgipfel | Angela Merkel
Фотографија: Michael Kappeler/REUTERS

Неколку месеци пред заминувањето во политичка пензија, германската канцеларка Ангела Меркел стравува дека луѓето ќе мислат оти не работела доволно напорно. Прашана што не би сакала да биде запишано за неа во историските учебници, за време на онлајн форумот на јавниот сервис ВДР, Меркел одговори: „Дека сум била мрзлива“.
Коментарот на Меркел беше изречен со иронична насмевка, како контрапункт на нејзината репутација дека е сосема спротивно од мрзлива. 66-годишната Меркел е позната по пренатрупаниот распоред и еднаш самата кажа дека складира сон како што камилите складираат вода.
Во 2015 година, нејзиниот работен календар стана вест сам по себе по состаноците во Киев, Москва, Вашингтон, Отава и Минск во рок од една недела, кои кулминираа со 17 часовни преговори за прекин на огнот.

Неодамна, Меркел ја примени својата добро позната тактика на заморување на соговорниците со целовечерни преговори во врска со Европскиот фонд за спасување, а подоцна и за мерките против коронавирусот со премиерите на германските покраини.

Прашана минатата година за плановите за пензионирање и кога планира да олабави со работа, Меркел рече: „Не сум размислувала за тоа“.
„Засега ќе продолжам да работам и на крајот работите ќе си дојдат на свое место. Оптимист сум дека ќе смислам нешто“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи