Меркел попушти - горна граница за прием на мигранти?
9 октомври 2017По повеќечасовни преговори, раководствата на партиите од Унијата, Христијанско-демократската унија и Христијанско социјалната унија, синоќа во Берлин ги окончаа разликите околу прашањето на бегалците. Постигната е согласност според која „нето-доселувањето“ од хуманитарни причини годишно не треба да надминува 200.000 луѓе. Во усвоениот текст меѓутоа не се споменува поимот „горна граница“, туку се вели:
„Целта ни е да постигнеме вкупниот број на прифатени лица од хуманитарни причини (бегалци и баратели на азил, супсидијарно заштитени, како и лица дојдени по основ на спојување на семејства, а земајќи ги во предвид и оние кои доброволно заминуваат од земјата или се депортирани, да не надминува 200.000 луѓе годишно.“
Со ова не е засегнато доселувањето на работна сила од странство или од ЕУ-државите.
Германската канцеларка Ангела Меркел од ЦДУ, баварскиот премиер Хорст Зехофер и нивните соработници околу спорните теми дебатираа цели 12 часа, повремено вршејќи интерни партиски консултации и разговори во четири очи. Компромисот е постигнат под притисокот на масивната загуба на гласови на двете партии на изборите за Бундестагот.
Деталите околу договорот Меркел и Зехофер ќе ги објават во текот на денот.
Промени се предвидени и во третманот на мигрантите. Дојдените баратели на азил според плановите на партиите од Унијата треба да бидат сместувани во т.н. „Центри за одлучување и депортација“, за кои како урнек треба да служат соодветните центри кои веќе постојат во баварските градови Манхинг и Бамберг, како и во баден-виртенмбершкиот град Хајделберг. Барателите на азил, до донесувањето на одлуката дали тој ќе им биде одобрен, ќе треба да останат во тие центри. Неизвесно е каков ќе биде ставот на потенцијалните партнери во евентуална Јамајка-коалиција, Зелените и Либералите по ова прашање.
Преговорите со нив сеуште не се сериозно започнати, дури ни сондирачките разговори. Од партиски кругови се вели дека се исчекува прво да завршат покраинските избори во Долна Саксонија, кои се одржуваат в недела.
ЦДУ и ЦСУ во секој случај се единствени дека во иднина нема да се повтори прием на толкав број бегалци како оној во 2015 година, а за таа цел ќе се прошири и листата на т.н. сигурни земји на потекло. Зелените имаат уште сега задршки кон ова решение.