Меркел заминува, споровите со Русија отснауваат
20 август 2021Металните цевки сјаат на сонце, инженерите ги вежбаат процесите во контролната соба: станицата за прием на природен гас Лубмин 2, неколку стотини метри од германскиот брег на Балтичкото Море, е подготвена за работа. Единствено што недостасува е гасот од Русија. Тука, во живописниот крајбрежен град во близина на Грајфсвалд, гасоводот „Северен тек 2“ стигнува до германското копно и гасната мрежа. Оттука треба да се проследува рускиот природен гас – со заобиколување на Украина.
Само изградбата на копнената гасоводна линија од Балтичкото Море до границата со Чешка чинеше околу три милијарди евра; „Северен тек 2“ е еден од најголемите инфраструктурни проекти во Германија. Овие бројки ќе го изнервираат секого во Берлин, кој не е заинтересиран само за гас и пари, туку и за човековите права, демократијата, слободата на печатот - затоа што веројатно нема подобар симбол за балансирачкиот чин на германската надворешна политика меѓу економските интереси од една и вредностите на либералната демократија од друга страна. Неколку германски политичари побараа да се запре изградбата, вклучително и во текот на нападот со отров врз критичарот на Кремљ, Алексеј Навални.
Контроверзниот проект за природен гас е само една од многуте теми со кои Ангела Меркел патува во Русија, а подоцна и во Украина во најверојатно последната политичка посета на овие земји. Со оглед на големиот број конфликти и несогласувања, експертите оценуваат дека германско-руските односи во моментов се на „најниска точка“.
„Северен тек 2“ - бизнис вреден милијарди и покрај политичките разлики
Во септември во Германија ќе се одржат изборите за Бундестагот. Олаф Шолц, Армин Лашет или Аналена Бербок ќе ја заменат Меркел на канцеларската функција. Во тековната предизборна кампања постојат неверојатни преклопувања помеѓу двете опозициски партии Зелените и Либералите (ФДП) кога станува збор за „Северен тек 2“.
Александар Граф Ламбсдорф, партиски експерт на ФДП за надворешна политика, остро ја критикува германската влада на чело со Ангела Меркел дека „со години ја занемарувала дипломатската интеграција на проектот кај германските партнери во Европа и во Америка“. Пред сѐ, долгогодишниот аргумент на Меркел дека „Северен тек 2“ е само економски проект, предизвика голема надворешна политичка штета, оцени Ламбсдорф.
Повеќе:
-Северен тек 2- гасовод од кој Меркел треба да се срами
-Кој има поголеми штети од случајот Навални - Путин или Германија?
-Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?
И Зелените и партиската кандидатка за канцеларка Аналена Бербок на сличен начин гледаат на тоа. Цврстот став кон политиките на Кремљ на Зелените им носи симпатии дури и меѓу конзервативно-граѓанските кругови во Германија.
Кандидатот на Социјалдемократите (СПД) за канцелар, Олаф Шолц, неодамна во интервју за ДВ повика на нова политика на Европската унија кон Истокот. ЕУ како целина треба да се зајакне, а не земјите членки поединечно, рече Шолц, дополнувајќи: „Не сакаме да се вратиме на политика од 17-тиот, 18-тиот и 19-тиот век, каде големите сили си тераат политика меѓу себе - Русија, Германија, Франција, Англија. Наместо тоа, станува збор за Европската унија и Русија ако сакате да организирате заедничка безбедност во Европа.“
Германско-руските односи на „најниска точка“
Јанис Клуге, експерт за Источна Европа во Фондацијата Наука и политика, смета дека односите меѓу Берлин и Москва се на апсолутно најниска точка во целата постсоветска историја. По анексијата на Крим и труењето на Навални, поддршката за режимот во Белорусија конечно доведе до промена на свеста во германската политика - мнозинството сега ја гледа Русија како стратешки противник, вели Клуге.
Тој гледа три главни проблематични области во германско-руските односи. Прво: сѐ порепресивната внатрешна политика на Русија и прогонот на независните медиуми, невладини организации и опозицијата. Случајот Навални е само најистакнатиот пример. Второ, вели Клуге, операциите на руските тајни служби во ЕУ сѐ под надзор. Притоа не станува збор само напади како оној врз Навални, туку и за хакерски упади во политичките институции во Германија.
И трето: конфликтот во Украина е едноставно клучното прашање во германско-руските односи. „Сѐ додека нема напредок во оваа криза, нема да може да се направи обид да се врати довербата во Русија“, вели Јанис Клуге.
Русија како антилиберална суперсила
Ралф Фикс, директор на „Центарот за либерален модернизам“, тинк тенк кој мораше да ги прекине своите активности во Русија, исто така смета дека односите со Русија се „на многу критична точка“. И објаснува зошто: „Путинова Русија стана противник на либералните демократии на Западот, и во однос на надворешната и во однос на безбедносната политика. Систематското поткопување на западните демократии, соработката со десничарските и левичарските популистички партии, кршењето на меѓународното право и на меѓународни норми - било да е тоа во Сирија или воУкраина - Русија е на курс на конфронтација со Западот. И тешко ни е да најдеме одговор на тоа“, вели Фикс.
Главната задача на идната германска влада ќе биде да развие заедничка политика на ЕУ за Русија, вели Фикс, додавајќи клучна работа е да се разјасни каде се црвените линии за ЕУ и Германија во однос на руските постапки.
Експерт: Русија ја користи неспособноста на Западот да дејствува
Штефан Мајстер, програмски менаџер за меѓународен поредок и демократија во Германското друштво за надворешна политика во Берлин (ДГАП), исто така зборува за „најниска точка“ во германско-руските односи. Меѓутоа, тој исто така гледа дел од решението во Германија: „Ние едноставно треба да бидеме пореални за она што е можно во Русија, ние исто така треба да ги поддржиме оние сили кои сакаат поинаква Русија, а некои од нив засилено заминуваат во странство “.
Но, за случајот Навални, Штефан Мајстер вели: „Не треба да дозволиме да нѐ подведуваат популистите и социјалните медиуми, туку јасно да процениме дека оваа промена во моментов не се случува во Русија, туку дека ќе дојде на среден или долг рок". Тој смета дека Навални е популист, чија улога во руската политика е преценета.
Режимот на Путин умно ја искористи неспособноста на Западот да дејствува во последните години за да одигра одлучувачка улога во клучните конфликти ширум светот, вели Штефан Мајстер. Без разлика дали Сирија, Либија или Јужен Кавказ – Русија не може да се заобиколи, според експертот на ДГАП. Тој повикува со поголем прагматизам и помалку хистерија, да се изнајдат компромиси онаму каде што се возможни.
Русија, исто така, ќе избира нов парламент во септември, една недела пред парламентарните избори во Германија. Разликата во однос на Германија е дека победникот во Русија се знае уште пред изборите, и малку е веројатно дека ќе има промени во руската политика – како на внатрешен, така и на надворешен план.