Меркел со апел за единство во Европа
9 март 2017Во утринското обраќање во Бундестагот, германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека пролетниот сами во Брисел како и вообичаено ќе биде фокусиран на економијата, но со оглед на Брегзит и на бегалската криза, и други теми ќе бидат на агендата.
Соочена со неволноста на некои источноевропски земји членки да предадат дел од сувереноста на Брисел, Меркел истакна дека Унијата може да „напредува без да исклучува земји членки“.
Истакнувајќи го економскиот раст во ЕУ, Меркел ја искористи можноста да ги потсети Германците дека на земјата ќе ѝ оди добро само ако на Европа ѝ оди добро.
ЕУ одбрана наместо протекционизам
Осврнувајќи се на трансатлантските односи, Меркел го пофали договорот ЦЕТА за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада и ја предупреди Европа од „самоизолација“. Во индиректен напад на протекционистичкиот курс на американскиот претседател Доналд Трамп, Меркел додаде дека ЕУ ќе се брани себе си од „нефер“ протекционизам.
Што се однесува до бегалската криза, канцеларката во Бундестагот истакна дека нема сомнеж дека е направен прогрес, но и оти системот за азил на ЕУ мора да биде реформиран.
Меркел ја искористи традиционалната владина изјава пред Бундестагот спроти самитите на ЕУ да се осврне и на актуелниот дипломатски спор со Анкара околу откажувањето на настапите во Германија на турски политичари во рамките на кампањата за референдумот во Турција на 16 април.
„Нацистичките“ споредби мора да запрат
Таа притоа го бранеше договорот меѓу ЕУ и Турција за бегалците. „Без такви спогодби , ќе моравме да прифатиме илегална миграција, што немаше никому да му помогне“, изјави Меркел додавајќи дека односите меѓу Германија и Турција се „комплицирани, но важни“.
Меѓутоа кога станува збор за обвинувањата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Германија користи „нацистички методи“, Меркел истакна дека коментарите биле толку несоодветни што е невозможно да се коментираат.
„Не можат да се оправдаат. Тоа мора да запре“, истакна канцеларката.
Таа притоа ги критикуваше рестрикциите на слободата на печатот во Турција, имајќи го предвид уапсениот германски новинар со турско потекло Дениз Јунџел. „Германската влада ќе стори сѐ да осигура Јунџел да биде ослободен“, истакна Меркел.
Тоа уште нагласи дека не е во интерес на Германија да го прекине контактот со Турција.