Меркел ја претстави својата наследничка?
19 февруари 2018По на викендот најавеното повлекување на досегашниот генерален секретар на Христијанско-демократската унија, Петер Таубер, поради здравствени причини, канцеларката Меркел за функцијата ја предложи Анегрет Крамп-Каренбауер.
Петер Таубер пред неколку години важеше за надежен кадар, но очигледно не се најде најдобро на позицијата, клучна за организирање на партискиот живот, посебно не беше омилен кај конзервативното крило.
Така, ЦДУ ја чека рокада на важната функција среде маките околу составување нова владина коалиција. Поради обвинувањата за премлако преговарање со Социјалдемократската партија и непотребно препуштање на важното Министерство за финансии, Меркел прифати министерствата кои ги доби ЦДУ да ги пополни со помлада гарда, па и свои критичари. За коалицискиот договор со СПД и нејзината министерка листа ќе решава партискиот конгрес следниот понеделник, на 26. февруари. На него ќе биде избран и наследникот на Петер Таубер на позицијата генерален секретар, а добри шанси има премиерката на малата покраина Сар, 55-годишната Анегрет Крамп-Каренбауер. Со тоа таа, по Меркел, која исто така беше генерален секретар од 1998 до 2000. година, би станала втора жена на оваа функција во партиската историја.
Повеќе на темата:
Меркел- жената со челични нерви
Висока цена за четвртиот мандат на Ангела Меркел
Крамп-Каренбауер важи за човек од доверба на канцеларката и еден од најсериозните кандидати за нејзин наследник. На крајот на март забележа голема победа над „левиот блок“ во Сар. Малку изненадувачки, ЦДУ на покраинските избори освои 41 процент гласови и така спречи СПД (29,5%) и Левицата (13%) да успеат да дојдат до мнозинство. Со Сар продолжи да владее голема коалиција.
Аналитичарите во брзата реакција на канцеларката за пополнување на важната партиска функција гледаат последица на внатрепартиските критики. Една од забелешките на сметка на канцеларката е што досега се двоумеше да „избере“ свој наследник кој би ја повел партијата во следната изборна борба, најдоцна во 2021. година. Се смета дека Анегрет Крамп-Каренбауер има добри шанси да биде следна канцеларка.