1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерцедес продава повеќе возила, а добивката сѐ помала

ЕМФ | агенции
11 февруари 2020

Ола Келениус е шеф кој штеди на сите страни за да го поправи билансот на Дајмлер, па сепак ефектите не се доволно добри. Има ли надеж за подобри времиња кај џинот во автомобилската индустрија?

https://p.dw.com/p/3XaXe
Deutschland Daimler Hauptversammlung
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sachseder

Автопроизводителот Дајмлер стенка под товарот на трошоците, кои се бројат во милијарди евра, и уште еднаш мора да претрпи голема загуба на добивката. Во 2019 година добивката изнесувала само 2,4 милијарди евра, соопшти концернот денеска во Штутгарт. За споредба, во 2018 година добивката била три пати поголема, а и тогаш акционерите тоа жестоко го почувствуваа на свој грб.

Дајмлер успеа да оствари мала добивка и да не влезе во минус само благодарение на рекордниот обрт. Високите трошоци го „јадат“ веднаш она што ќе влезе во касата. Дајмлер, имено, не само што мора да ги финансира инвестициите во производството на електромобили и развојот на нови технологии, туку мора да ги плаќа и трошоците предизвикани од дизел-аферата.

„Нашите резултати за 2019 година ја отсликуваат и натаму големата побарувачка по нашите атрактивни продукти, но со добивката не можеме да бидеме задоволни“, оцени првиот човек на Управниот одбор, Ола Келениус.

IAA Frankfurt Mercedes Daimler
Ола Келениус, прв човек на Управниот одбор на Дајмлер, штеди на сите страниФотографија: picture-alliance/dpa/L. Stock

Повеќе:

Зелените автомобили се иднината

Ќе станат ли електричните автомобили проблем за електромрежата?

Мочуриштето во кое газат германските автопроизводители

Малата добивка има последици и за вработените во Дајмлер и за акционерите. Околу 130.000 вработени со тарифни договори во 2020 година ќе добијат свој дел од профитот во износ од само 597 евра и една еднократна премија во висина до 500 евра. Минатата година премијата изнесуваше 4.965 евра.

Освен тоа, Дајмлер драстично ја скрати својата дивиденда. Акционерите за минатата деловна година ќе добијат само по 90 центи за акција, а во годината пред тоа добија 3,25 евра за акција.

„Нашите финансиски резултати минатата година трпат пред сѐ поради големите вонредни оптоварувања“, нагласи Келениус. Од неговото стапување на должност, во мај 2019, Швеѓанецот Келениус повеќепати ги намалуваше очекувањата, а во ноември донесе и пакет мерки за штедење кои, меѓу другото, предвидуваат и кратење на илјадници работни места. Првите ефекти од тоа треба да бидат видливи веќе годинава.

Германците не сакаат ниту да помирисаат дизел

Рекордот на продадени возила кај Мерцедес-Бенц - околу 2,34 милиони - стои наспроти намалената конјунктура во бизнисот со товарни возила минатата година. Концернот мора да инвестира милијарди евра и во делот на електровозилата, со цел да може да се држи до граничните вредности на ЦО2 и да избегне казни. Милијарди евра се трошат и за развој на технологии на иднината, и покрај тоа што во тој дел се соработува со други џинови во браншата, како БМВ и Бош. И, тука е и стариот товар од дизел-аферата. За повлекување возила и различни постапки ширум светот Дајмлер летоска настрана одвои 1,6 милијарди евра. Пред три недели концернот мораше да признае дека тие пари не се доволни и дека се потребни уште 1,4 милијарди евра.

Покрај заштедите на персонал, Келениус има намера значително да ги намали и трошоците за материјали и да ги ограничи инвестициите, како и да ја намали палетата на скапи модели возила, а за сметка на тоа да се концентрира повеќе на возила кои носат најголема добивка.