1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу војна и мир: Малите земји и големите прашања

16 мај 2022

РСМ ја поддржа политиката на отворени врати на НАТО. Откако Финска и Шведска со „една нога“ зачекорија кон Алијансата, дали тоа ќе го зајакне мирот во Европа и регионот?

https://p.dw.com/p/4BLhJ
Bundeswehr in Rukla in Litauen
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Колку знаеме за предизвиците од воениот судар во Украина? Колку е информиранa јавноста во Северна Македонија за можните последици од војната? Дали таа војна може да ескалира во нуклеарен судир? Прашањата се легитимни од 24 февруари - денот кога почна руската агресија врз Украина. Но истите станаа поинтензивни откако досега неутралната Финска, која дели 1.300 километри граница со Русија, реши да поднесе барање за членство во НАТО, а за истото се подготвува и Шведска. Москва веќе оцени дека би било грешка ако Финска се откаже од неутралниот статус и ако се придружи на НАТО.

„Осумдесет дена по војната на Русија во Украина, рускиот претседател Владимир Путин, кој тврдеше дека сака да го спречи проширувањето на НАТО, го постигна токму обратното“, коментира британски „Гардијан“.

РСМ, најмладата членка на Алијансата, даде поддршка на политиката на отворени врати на НАТО.

„Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, силно ја поддржува политиката на отворени врати, а со тоа и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во Алијансата што претставува важен чекор за севкупната евроатлантска безбедност“, рече вчера (15.05) шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, пред почетокот на неформалниот министерски состанок на земјите членки на НАТО во Берлин.

Тој оцени дека „Западен Балкан ќе биде неизбежен дел од идната архитектура на европската безбедност“.

Но, она што вчера предизвика огромно внимание во регионот на Западен Балкан, е изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во тв-интервју изрази стравување од проширување на кризата.

„Јас очекувам поголеми воени конфликти наесен, многу поголеми. Затоа очекувам пеколна зима и за нас и за сите други, затоа што гледам дека нема доволно одговорност и доволно сериозност“, рече Вучиќ.

Запрашан дали стравува од нуклеарен конфликт, даде дециден одговор.

„Дали стравувам? Мислам дека е многу реален, тоа е сѐ што можам да кажам. Мислам дека е многу реален. Сакате уште еднаш да ви повторам? И мислам дека поголеми се шансите да се случи, отколку да не се случи“, рече српскиот претседател.

Berlin | Treffen der NATO-Außenminister
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи (втор од десно во горниот ред) на средбата на шефовите на дипломатии на НАТО во Берлин (15.05.2022)Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Перманентна преокупација

Дали опасноста од ескалирање на конфликтот е реална?

„Дебатата за ескалирање на војната во Украина кон нуклеарна војна во која би биле вклучени НАТО и Русија е перманентна преокупација на евроатланските аналитичари уште од почетокот на војната. Кај дел експерти постои страв дека Москва може да пристапи кон активирање на тактичко нуклеарно оружје на кратки дистанци. Засега нема знаци за такво драматизирање“, вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

Потенцира дека Русија и САД ја исклучуваат можноста за нуклеарен судир, но потсетува и на дел од изјавите на официјална Москва.

„Сепак, најпрвин Путин во март објави дека ‘нуклеарните сили на одвраќање на Русија биле во целосна готовност’. Еден месец подоцна (25.04), министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, во интервју на Првиот канал на руската телевизија им се закани на западните сили ‘да не го потценуваат зголемениот ризик од нуклеарна војна заради настаните во Украина’. Тој истакна дека НАТО суштински се ангажирал во војната на страна на Киев со постојаното снабдување на софистицирано оружје, додавајќи ‘не сакам да ја потхранувам на вештачки начин опасноста иако некои го направат тоа (...) но опасноста е тешка и реална и ние не смееме да ја потцениме’“, потсетува Ружин на хронологијата на ваквите предупредувања.

Според него, каналите за комуникација сѐ уште се релативно јасни и отворени меѓу руските и американските власти, за ограничување на влоговите на Украина.

Karikatur von Vladdo | Hochspannung
Карикатура на Владо: „Висок напон“

Мирот го наруши друг

Намерите за проширување на НАТО со две членки и можниот развој на ситуацијата, се предмет на стручни безбедносни дебати, но таква во РСМ нема, барем не јавно.

„Овде не можеме да се пофалиме со некоја поинтензивна дебата по ова прашање. Како мала и најмлада држава на Алијансата, разбирливо е што оваа чувствителна тема не е присутна во освртот на политичарите. Знаеме од искуство дека постои тенденција за погрешно толкување на одредени анализи, опасност до заплашување на јавното мислење, со оглед дека темата ‘воен судир’ предизвикува големи бранувања во јавноста“, вели Ружин.

Хрватскиот геополитички експерт Влатко Цвртила за РТЛ ја коментираше ситуацијата во Украина и намерата на Финска и Шведска. Запрашан колку сериозно треба да се сфатат руските закани, па и со нуклеарно оружје, тој смета дека тоа не е во прашање.

„Мислам дека тука не е во прашање оружјето. Русија едноставно нема можност, бидејќи најголемиот дел од нејзините воени капацитети ги ангажираше во агресијата против Украина. Но, сигурно ќе има некои последици, како што е прекин на електричната енергија, што е многу помал проблем за Финска. Поголем би бил забрана за испорака на гас, бидејќи Финска многу повеќе зависи од рускиот гас. Ќе има веројатно и други вербални, дипломатски пораки кон Финска, но од тоа нема да се случи ништо“, смета хрватскиот експерт.

Уверен е дека претстојниот влез во НАТО на Финска и Шведска нема да има последици.

„Тоа сигурно нема да го наруши мирот. Мирот беше нарушен од агресијата врз Украина. Новата геополитичка консолидација на Европа повеќе нема да биде толку втемелена на партнерството со Русија, туку на нејзиното исклучување во воена, политичка и економска смисла и создавање на една бариера, нешто слично како во Студената војна, но многу пософистицирано“, оценува Цвртила.

NATO Flagge
Членството на една мала држава во сојуз како НАТО, може да ѝ донесе голем бенефит, безбедносно и меѓународно значење и почит, но и обврски, вели РужинФотографија: Kenzo Tribouillard/AFP/Getty Images

Неодржливост на неутралноста

Состојбата во Украина ги реактуелизира дебатите по прашањето на неутралноста, но и за важноста на безбедноста на малите земји од членството во НАТО.

„Северна Македонија е една од тринаесетте мали членки на Алијансата со под пет милиони жители, заедно со Исланд, Луксембург, Норвешка, Данска, Словенија, Словачка, Албанија, Црна Гора, Латвија, Естонија, Литванија и Хрватска. Познато е дека четири од нив се основачи на Алијансата - Исланд, Луксембург, Норвешка, Данска. Искуствата од историјата на малите држави ги подучила дека независно од официјалната прокламација на ‘неутралноста’, таквиот статус за време на двете светски војни никој не го почитувал. Оттаму потекнува и силниот порив да се здобијaт со членство во големи сојузи како Алијансата, каде ќе можат да бидат дел од одбранбениот чадор“, вели Ружин.

- повеќе: Над 4.600 војници од осум држави учествуваат на најголемата воена вежба на Криволак

Тој посочува дека членството на една мала држава во сојуз со силна репутација како НАТО, може да ѝ донесе голем бенефит, безбедносно и меѓународно значење и почит, но и обврски.

„Но членките на НАТО се должни да ја почитуваат и имплементираат политиката и стратегијата на Алијансата, независно од поединечните интереси или расположение на јавното мислење. Во Северна Македонија не биле вршени мерења на јавното мислење во однос на украинската војна. Во Бугарија јавното мислење не е целосно во согласност со позициите на Алијансата. Историските сојузништва, словенскиот и православниот корен и цивилизација сѐ уште се силни сидра кои ги спојуваат народите, што би кажал Самуел Хантингтон“, посочува поранешниот македонски амбасадор во НАТО.