1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минхенска безбедносна конференција: Западот на пресвртница

Сајмон Јанг
14 февруари 2020

Во Минхен денеска почнува безбедносната конференција, на која во фокусот се заканите по безбедноста во светот, но и поместувањето на силите во светски рамки.

https://p.dw.com/p/3XlO2
Münchner Sicherheitskonferenz Panel discussion
Фотографија: MSC/Guelland

Дали САД би штителе НАТО-сојузник ако е потребно и со оружје? Дали ЕУ-членките треба да соработуваат потесно во сферата на безбедноста? Исправен ли е светот пред „перфектна бура“ предизвикана од промените на климата и безбедносните прашања?

Овие и други прашања ќе бидат доминантни на годинешната безбедносна конференција во минхенскиот хотел Бајеришер Хоф. На годишната средба овојпат се очекуваат шефови на држави или влади, како и министри за надворешни работи и за одбрана на повеќе од 40 земји во светот, а ќе има и претставници на економијата и на меѓународни организации.

Глобалната безбедносна состојба во светот е напрегната. Трендот од минатата година продолжува. Авторите на Минхенскиот безбедносен извештај 2020, кој го диктира тонот на конференцијата, зборуваат за „незападност“. Оваа вештачка кованица значи дека светот генерално, а западните држави особено, не се сосема начисто во врска со своите вредности и својата стратешка определба.

Во извештајот се вели: „Светот станува помалку западен“. Додека едни веруваат дека Западот е под закана од „либерален интернацонализам“, други сметаат дека „токму подемот на илиберализмот и враќањето на национализмот се закана за Западот“. И додека десничарите и левичарите флертуваат со можност од повлекување од глобалната одговорност, авторите констатираат: „Ако Западот постојано се колеба околу вклучувањето во насилни странски конфликти, тоа не значи дека тие конфликти исчезнуваат.“ Тие може дури и да се заострат.

Münchner Sicherheitskonferenz Symbolbild
Каде оди Западот и станува ли сѐ „понезападен“?Фотографија: Imago Images/S. Zeitz

Европска самоувереност?

Минхенската безбедносна конференција вообичаено е најдоброто место надвор од границите на Вашингтон на кое може да се создаде слика за актуелните надворешнополитички размислувања на САД, затоа што во Минхен доаѓаат цела низа високи американски претставници. Покрај министрите за одбрана и за надворешни работи, се очекуваат и повеќе конгресмени. Минхен ќе биде исто така и можност да се сондираат меѓународните реакции на планот на Трамп за Блискиот Исток.

Но, можеби е потребен уште поголем интерес за тоа како Европа се справува со предизвиците, дали кон нив пристапува поинаку отколу досега. Некои предвидуваат дека Европа, поради својот растечки десен популизам и национализам, се врти навнатре и малку се дистанцира од остатокот на светот. На дел од дискусиите во Минхен ќе стане збор за тоа како Европа да го зголеми своето влијание, пред сѐ во сферата на одбраната. Темата - миграција од југ кон север за Европа стана уште поважна поради конфликтите во Сирија и Либија, а во исто време Русија има дестаблизирачкио влијание од исток.

Многу Европејци посакуваат ЕУ како глобален актер да настапува посамоуверено и понезависно од САД. Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека ако Европа не го научи јазикот на моќта, би можела „геополитички да исчезне“. Ако САД се пасивни на Блискиот и Средниот Исток, или ако дури сосема се откажат од својот ангажман таму, додека Русија и Турција се обидуваат да го зголемат своето влијание во земји како Сирија и Либија, тогаш тоа може да биде повод за нова политика на Европа во регионот, која е повеќе ориентирана кон нејзините стратешки и економски интереси. Но, прашањето е дали земјите членки на ЕУ заеднички ќе наоѓаат одговори, и тоа не само во сферата на одбраната, туку и во надворешната политика и миграциските прашања. И за темата проширување на ЕУ во Минхен, не првпат, ќе се дискутира жестоко, а за тоа ќе се погрижат државите од Западен Балкан кои имаат многу свои претставници на конференцијата.

Münchner Sicherheitskonferenz Hotel Bayerischer Hof
На многуте средби со хотелот Бајеришер хоф се работи за глобални поместувања на моќта, иако тоа не се изговара гласноФотографија: MSC/Hildenbrand

Геополитички поместувања на моќта

Русија и натаму им предизвикува големи грижи на европските стратези. Од последната безбедносна конференција Русија забележа повеќе дипломатски успеси, меѓу кои и апелот на францускиот претседател Макрон за преобмислување на односите со Русија. Европа е поделена помеѓу импулсот за одржување на дијалогот (и трговските односи) со големиот сосед на исток и загриженоста околу стратешките цели на Москва. Во безбедносниот извештај за оваа тема се вели: „Многу Европејци се скептични во врска со тоа дали силна конфронтација со Русија е во интерес на Европа“. Додека едни очекуваат рускиот претседател Путин годинава да биде поканет на средбата на Г7 во САД, други сметаат оти е неопходна поголема концентрација на Кина, која и самата понекогаш е во клинч со Русија.

На многуте средби со хотелот Бајеришер хоф се работи за вакви глобални поместувања на моќта, иако тоа не се изговара гласно. Во 2019 година кинескиот претседател Ши Џинпинг стави до знаење дека Кина ќе се спротивстави на мешање во она што го смета за свој „заден двор“, имено Источнокинеското и Јужнокинеското Море. Сега Кина е во трговски конфликт со САД, барем привремено, и е зафатена со епидемијата предизвикана од корона-вирусот. Освен тоа, тука е и судирот околу Хонгконг, како и западната загриженост во врска со Хуавеи. Сето тоа покажува дека интересот за Кина во Минхен ќе биде голем.