1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мировен план за Украина има, но има и сомневања

ЕМФ/дпа/дв18 април 2014

Состојбата во источна Украина и по кризната средба во Женева останува тензична. Во Славјанск во текот на ноќта повторно се пукаше.

https://p.dw.com/p/1BkcG
Фотографија: Reuters

Според непотврдени извештаи, во Славјанск се пукало кога украински владини трупи нападнале контролен пункт на проруски униформирани активисти. Притоа, како што се вели, загинало едно лице.

Русија во Женева, на преговорите со САД и ЕУ, даде согласност за разоружување на проруските униформирани активисти во источна Украина. Рускиот претседател Владимир Путин, меѓутоа, рече дека со насилство треба да запрат и украинските владини сили. Во меѓувреме, украинските граничари не дозволуваат влез во земјата за Руси на возраст од 16 до 60 години, поради страв дека тие би можеле да бидат засилување за проруските сили. Министерството за надворешни работи во Москва ја критикуваше забраната како прекршување на меѓународното право. Руските медиуми тврдат дека влез во Украина не им бил дозволен на десетици луѓе.

Дали во Женева навистина е постигнат пробив?

И покрај тоа што на вчерашната (17.04) средба во Женева беа договрени конкретни чекори за деескалација на ситуацијата во Украина, остануваат сомневањата за тоа дали Русија ќе се држи до договорениот мировен план.

Ukraine Krise Außenminister Gespräch 17.04.2014 Genf
Во Женева преговараа САД, ЕУ, Русија и УкраинаФотографија: picture-alliance/dpa

Американскиот претседател Барак Обама изрази скепса. „Не верувам дека во овој момент можеме да бидеме сигурни за што било“, рече Обама. Тој веќе имаше разговор со германската канцеларка Ангела Меркел. Двајцата и натаму предвид имаат санкции „доколку за кратко време не дојде до деескалација“, соопшти Белата куќа по телефонскиот разговор на двајцата државници.

Најважен дел од „Женевскиот мировен план“ е положувањето на оружјето од страна на проруските сепаратисти на истокот на Украина и напуштање на заземените објекти. Тие би требало да добијат амнестија, освен во случај да сториле големо злосторство. Спроведувањето на договорот треба да го набљудува мисија на ОБСЕ.