Мицкоски го одби Мичел: Договорот за името е неприфатлив
17 октомври 2018Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со големи букви му возврати на американскиот помошник државен секретар Вес Мичел дека Преспанскиот договор е „НЕПРИФАТЛИВ за ВМРО-ДПМНЕ“. Во писмо одговор на пораката која вчера ја доби од Мичел, Мицкоски вели дека не верува оти Договорот од Преспа ќе придонесе за стабилноста, мирот и сигурноста доколку се прифати.
Овој договор, според Мицкоски, е спорен во пет точки кои потоа ги набројува:
„
- Убедливото мнозинство на граѓани го отфрли на референдумот,
- Со него се менува Уставот со цел промена на уставното име на државата,
- Со него се поништуваат сите стекнати права на Република Македонија како Резолуцијата на ОН за прием на Република Македонија од 1993 година,Времената спогодба со Грција од 1995 година и Хашката пресуда во полза на Македонија од 2011 година,
- Со членот 8 од договорот се предвидува формирање на Комисија помеѓу двете држави Република Македонија и Грција задача за ревидирање на историјата, археологијата и образованието, трајно наштетувајќи на идентитетот на мојата земја.
- Со договорот земјата се откажува од грижата за македонските малцинства во други земји, но истовремено се откажува и од Македонците во дијаспората“.
„Секогаш е најтемно пред зората“
Мицкоски се надева дека Македонија „многу скоро“ ќе стане дел од НАТО и ЕУ, но „горда и достоинствена“ а не „понижена и обезличена“. Мицкоски се жали дека тој и неговата партија биле исклучени од процесот на преговорите и не биле консултирани. Забележува и дека владата наметнала манипулативно референдумско прашање и дека неговото барање да се постават две одвоени прашања било одбиено.
Во писмото, тој тврди дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието делува согласно партискиот став дека договорот е неприфатлив. Мицкоски ги отфрла наводите за притисоци или закани врз пратениците од неговата партија и додава дека доколку има такви, тие не доаѓаат од структурите на неговата партија.
На крајот, Мицкоски го потсетува Мичел дека во минатото повеќе пати предупредувал оти „процесот му е доверен на човек кој не е искрен во намерите и ветува нешта што не може да ги исполни“, алудирајќи на премиерот Зоран Заев.
„Факторот време покажува дека впрочем најголемата опасност поради кој земјава влегува во криза е токму првиот човек на владата“, пишува Мицкоски, а своето писмо го завршува со цитатот: „секогаш е најтемно пред зората”.
Мичел вчера му пиша на Мицкоски дека е разочаран од неговите и партиските позиции во однос на Договорот од Преспа.
„Нема да Ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда“, наведе Мичел во писмото.