1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски се изолираше со својот ултранационализам

Обработка: Е.М. Фиданоска
22 октомври 2018

Бизарниот спор за името три децении го спречуваше развојот на Македонија. Сега е крајно време за зафаќање со иднината, пишуваат денеска германските весници.

https://p.dw.com/p/36vTo
Mazedonien Referendum Namensstreit Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во кусиот коментар со наслов „Крај на еден бизарен спор“, Петер Минх денеска во „Зиддојче цајтунг“ пишува:

„На политиката ѝ е неопходен јасен компас, но понекогаш постои опасност иглата да не функционира како што треба. На пример во оваа земја од Југоисточна Европа, која всушност сака да му припаѓа на Западот, а за таа цел прво мора се лоцира на север. Значи, не е чудо што политиката во Македонија со години се врти во круг. Притоа, судбината на земјата зависи од само четири букви: доколку Македонија стане Северна Македонија (сeверна на германски - nord, има четири букви, н.з.), како што бараат Грците и како што засега има благослов од парламентот во Скопје, патот до членство во НАТО и ЕУ е отворен. Значи, може да оди едноставно, но фактот што натегањата околу тоа беа толку жилави треба да послужи како застрашувачки пример колку денес, или подобро речено колку повторно денес, политиката среде Европа станува опасна кога наместо од рациото е водена од националистички вриежи. Тоа што македонскиот крал Александар Велики по повеќе од 2300 години од пропаста на неговото кралство можеше да се најде во центарот на политички конфликт, покажува колку бизарен беше спорот за името меѓу Грција и Македонија. Па сепак, тој три децении го спречуваше развојот на Македонија. Сега е крајно време за зафаќање со иднината.“

Весникот „Ханделсблат“ оценува дека македонското „да“ за промена на името е „пораз за национализмот на Балканот“:

Христијан Мицкоски вриеше од бес поради кажаното 'да' во парламентот за преименување во Северна Македонија. Одлучниот партиски шеф на националноконзервативната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше до последно со сите сили да спречи двотретинско мнозинство за преименување на поранешната југословенска република. Мицкоски, кој со поранешната владејачка партија раководи од кич-помпезна палата во главниот град Скопје, по историскиот пораз им се закани на своите проевропски колеги од пратеничката група со исклучување од партијата. Очигледно, на Мицкоски сѐ уште не му паднало в очи дека со својот ултранационализам се изолираше себеси. Поранешниот енергетски менаџер грубо го потцени копнежот по Европа во својата партија и кај граѓаните од неговата земја (...)

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Со гласањето во петокот вечерта во полза на јунскиот договор со соседна Грција, владата успеа да го оствари долго очекуваниот пресврт. Одлуката е од големо значење не само за многу сиромашната Македонија (...), туку и за целиот Западен Балкан. Крајот на спорот за името, кој е на повидок, испраќа важен сигнал во цела Југоисточна Европа. Пораката гласи: Национализмот е ќорсокак. (...)

Тешкиот случај Македонија покажува дека понекогаш е потребно долго, многу долго време, додека созрее сознанието дека за Европа нема дурга вистинска алтернатива. Зашто, големите сили Русија и Кина немаат што навистина многу да им понудат на балканските држави. Русија во земјите од Југоисточна Европа има пред сѐ геостратешки интереси. На Москва не ѝ е баш до економски напредок на југоисточноевропските земји. Освен тоа, Русија, со оглед на млитавата домашна економија, нема што многу да понуди во економски поглед. Кина регионот го сфаќа пред сѐ како транспортна траса за своите производи на новиот Пат на свилата во правец на Западна Европа. Пекинг не е сериозно заинтересиран за траен развој на сиромашните балкански држави. Тоа на владите од Белград преку Тирана сѐ до Скопје им станува сѐ појасно. А, Турција? Сеќавањето на вековното владеење на Османлиите е сѐ уште премногу силно во земјите од Западен Балкан, па турскиот ангажман во образованието или во секторот со недвижнини тоа сѐ уште не може да го покрие. Претседателот Ердоган и онака ја сврте својата земја во економски тешки води. Промената на името на Македонија сѐ уште не сигурно, зашто за тоа треба да гласа и грчкиот парламент, но двотретинското мнозинство во парламентот во Скопје е силен сигнал на владата на Зоран Заевдо Европа. (...)

ЕУ сега мора да им оддаде признание на засилените напори на Западниот Балкан. Нема да бидат доволни само зборови на пофалба од Брисел. Од страна на германската канцеларка Ангела Меркел иницираниот 'Берлински процес' за приближување на Западниот Балкан кон ЕУ би требало да се интензивира за да се искористи позитивниот момент. Токму во тешки времиња, во кои Велика Британија е пред излегување од ЕУ, а Италија, една од земјите основачи на ЕУ, провоцира со прекршување на правилата, Европа не смее да дозволи да биде парализирана од деструктивните членки. Зашто ЕУ, како политичка и економска заедница, нема загубено од својата атрактивност. Тоа впечатливо го демонстрираат балканските држави и нивниот каменит пат кон ЕУ.“