1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицотакис со интерпелација за Ципрас поради Македонија

СН/ агенции
14 јуни 2018

Грчката опозиција сака да го блокира постигнатиот договор со Македонија преку гласање недоверба на владата на Алексис Ципрас. Според лидерот на Нова Демократија, тоа е „последна сламка“ за спречување на штетниот договор.

https://p.dw.com/p/2zXjn
Griechenland Alexis Tsipras mit Kyrikos Mitsotakis
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/W. Aswestopoulos

Лидерот на грчката опозициска десница Кирајкос Мицотакис денеска најави дека поднесува предлог за гласање на недоверба на владата на премиерот Алексис Ципрас за да се блокира договорот со македонските власти за промена на името.

Лидерот на најголемата опозициска партија Нова демократија во обраќањето пред грчките пратеници изјави дека Ципрас нема мнозинство во парламентот за да го поддржи договорот што го постигна тој со македонскиот премиер Зоран Заев.

Athen Ansprache Tsipras Einigung Namensstreit mit Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/Xinhua/M. Lolos

Владејачката левичарска коалиција на Ципрас има 154 места во 300-члениот парламент. Коалициониот сојуз на Ципрас, Независни Грци, јавно изјави оти нема да го поддржат договорот постигнат со Скопје, но и оти нема да ја соборат владата.

Повеќе:

-Решение за името има, но кавгата продолжува

-Грците поделени во однос на договорот со Македонија

-Зa Заев и Ципрас-иднина, за Мицкоски и Мицотакис- капитулација

„Ова е последната сламка ", рече лидерот на Нова Демократија, во парламентот. „Ние нема да ги поделиме Грците за да ги обединиме (Македонците)“,  додаде Мицотакис.

Griechenland Athen Parlament Kyriakos Mitsotakis
Фотографија: picture-alliance/Pacific Press/D. Karvountzis

„Јас имам обврска кон грчкиот народ да се обидам да спречам иднината на нашата татковина да се најде под хипотека на договорот кој е штетен за националните интереси", рече Мицотакис. Тој вчера го оцени договорот како проблематичен.

Претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис рече дека дебатата за недоверба ќе започне во 18 часот според локално време.