1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу врева, малку завршени обврски

Катерина Блажевска21 март 2016

Обезбедувањето услови за фер-избори паѓа во сенка на партиски отчети и програми. Опозицијата е незадоволна од одлуката на ДИК и од отсуството на медиумски реформи.

https://p.dw.com/p/1IGlH
Фотографија: Agentur MIA

Македонската политичка сцена влегува во фреквентна фаза. Државната изборна комисија од денеска треба да ја утврди содржината на анкетниот прашалник, во зависност од основата за теренска проверка. Потоа ќе следи распоред на тимовите во кои ќе учествуваат над 370 обучени анкетари, кои на терен ќе заминат заедно со партиски набљудувачи. Во работата логистички ќе им помагаат 18 подрачни одделенија на ДИК. Овие активности ќе следат откако ДИК одлучи теренски да се проверат 100.440 спорни записи, а над 60.000 да се проверат прво институционално, по што ќе се одлучи дали е потребно и теренски. Расте незадоволството во СДСМ откако мнозинството во ДИК (ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА) одлучи да не се проверуваат 124.000 гласачи, за кои има сомнеж дека се иселени. СДСМ ја повика ДИК да објасни зошто донела таква одлука.
„Апсурдната одлука на ДИК, над 124.000 сомнителни гласачи воопшто да не се проверуваат, не е во согласност со принципиелната борба што ја води СДСМ за вистината и правдата. ДИК треба да им ја образложи оваа апсурдна одлука на граѓаните“, реагираа од СДСМ. Синоќа се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ, а според партиски извори, тема на седницата била одлуката на ДИК.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на изборите ќе се види дека гласачите се реални.

„Изборната волја која што ќе ја изразат гласачите, СДСМ ја нарекуваат изборна волја на фантомски гласачи. Измислуваат и не се постојани дури и во измислените бројки дека постојат 100.000, 200.000 или 500.000 фантомски гласачи. Како Македонија првпат во својата историја да одржува избори и како за првпат, а не десет пати до сега претставник на опозицијата да е претседател на ДИК“, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, и праша како СДСМ не видела фантомски гласачи само во општините каде има градоначалници. Од ДУИ потенцираат дека и покрај потребните проверки, има доволно време се да се заврши навреме, за изборите да се одржат на 5-ти јуни. Од Мисијата на ОБСЕ во Скопје сметаат дека се направени позитивни чекори -измените на Изборниот закон и новиот состав на ДИК, но голем број прашања треба да се решат до изборите.

„Едно од нив, ако не и најважното, е прочистувањето на избирачкиот список. Кредибилен избирачки список, во кој ќе веруваат сите граѓани, е клучен предуслов за веродостојни избори. Мислиме дека сè уште има време ефективно да се решат отворените прашања, за да може претстојните избори да бидат подобри од претходните“, велат од ОБСЕ.

Проекти за граѓани, а не за фантоми

Додека СДСМ бара начин како доследно да се спроведе прочистувањето на Избирачкиот список, владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера организираше јавен отчет на сработеното, преку јавна дебатна седница на партиски функционери и со мултимедијална презентацијата - говорни, видео и графички показатели за реализираните проекти. Доминираа економските показатели, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не ја пропушти можноста да ги искоментира сомнежите на опозицијата околу избирачкиот список. Покажувајќи на преполната сала, го праша министерот за финансии: Зоране, гледаш ли ти овде фантоми? Реализираме проекти за граѓаните, а не за фантоми, беше пораката што ја упати Груевски, по која следеа ресорски отчети за сите успеси во вработувањето, инвестициите, инфраструктурата, проектите за млади...Во интерактивниот начин на презентирање отчет, експертите препознаа новитети во политичката комуникација, но сметаат дека во време на политичка криза тоа не дава ефекти.

„Во смисла на политички маркетинг, отчетот на ВМРО-ДПМНЕ е специфичен проект со кој партијата сака да прати неколку пораки“, вели комуникологот Петар Арсовски.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

„Првата е обид за релативно позитивна кампања, со фокус на резултати, иако во сите јавни настапи на оваа партија постојано доминира критика кон нивните опоненти и форсирање на негативната споредба. Втората порака е блискост до народот, интимизација. Тоа се обидуваат да го постигнат со форматот на настанот, дијалог и камерно опкружување. Третата порака е авторитарна: обид да се покаже гранадиозност, многу луѓе, масовна поддршка. Таа за нив е најважна во овој период, бидејќи политичката криза најмногу влијае на перцепцијата дали ВМРО-ДПМНЕ, како досега, и овој пат е однапред детерминиран победник. Тие би сакале токму тоа да се заклучи, дека тие се фаворити“, оценува Арсовски. Прогнозира дека сите настапи на ДПМНЕ во кампањата ќе бидат масовни, во обид да прикажат силна поддршка.

„Проблемот со овие формати е што партиските настани многу малку влијаат на неопределените, и мислам дека овој пат кампањата нема да има пресудно влијание на резултатите, туку повеќе на општиот политички амбиент. Сепак, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ де факто 'штити резултат', оваа стратегија на фокус само кон своите авторитарни гласачи има смисла“, заклучува Арсовски.

И владејачката ДУИ вечера ја презентираше Предлог-програмата за предвремените парламентарни избори. Шефот на изборниот штаб, Беким Незири, истакна дека во првичниот предлог се вклучени сите проекти кои ќе бидат реализирани во периодот од 2016 до 2020 година, а програмата ќе биде завршена следните денови со предлози на граѓаните, по што ги повика да дадат свои идеи.

Медиумските реформи на стенд-бај

На планот за создавање фер-услови за избори засега ништо не се случува единствено по прашањето за медиумски реформи. Министерката за информатичко општество Марта Арсовска Томовска, изјави дека има информации оти е постигнат консензус за финансирањето на јавниот радиодифузен сервис, за владиното рекламирање и за казнената политика на Агенцијата за медиуми. Од СДСМ одговорија дека тоа не е точно и оти „договор за медиумските реформи нема, зашто од нив бегаат Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“. Според СДСМ, за медиумски реформи што ќе обезбедат услови за фер-избори „неопходно е партиските кадри во советите на Агенцијата за медиуми и на МРТВ да се заменат со експерти“.

Zoran Zaev
Фотографија: Petr Stojanovski

За разлика од медиумската, засега повидливи напори се прават во сферата на антикорупциската политика. Денеска во Скопје доаѓа главната обвинителка на Романскиот директорат за антикорупција (ДНА), Лаура Кодрута Ковеси, која ќе има средба со обвинителката Катица Јанева. Утре Ковеси ќе учествува на конференција на која ќе говорат и Јанева и државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Конференцијата на тема „Ефективна борба против корупцијата на високо ниво: прашање на личност или на систем?“ е дел од програмата за антикорупција на УСАИД што ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а ќе ја отворат министерот за правда Аднан Јашари и американскиот амбасадор Џес Бејли. Целта е да се отвори дебата за тековните предизвици на Македонија во борбата против корупцијата на високо ниво.

Ковеси (42) е најмладата обвинителка во историјата на Романија која на таа функција стапила на 33 години. Од 2013 година досега отворила 6.000 обвиненија за корупција и злоупотреби на службена функција, меѓу кои и за двајца премиери, поранешни министри, градоначалници, обвинители и судии. Ковеси успеа да се справи со тешки ситуации, дури и кога Парламентот одби да изгласа одземање на имунитет на обвинетите функционери, но и кога дел од обвинетите се обидоа да искреираат уставна криза.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема