Многу опции во игра за блокадата на Собранието
24 март 2021Премиерот Зоран Заев утре ќе одржи средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети во обид да се изнајде решение за излез од ќорсокакот во кој западна Собранието, чија работа е блокирана веќе подолго време. „Во игра се сите варијанти“, порача денеска Заев, кој се надева дека блокадата на парламентот е од времен карактер, поради пратеници коишто се позитивни на Ковид-19. „Од лидерска средба, координаторите на пратенички групи да најдат решение, до вонредна состојба, сѐ е во игра“, дециден е Заев.
Надежите се дека Собранието наскоро повторно ќе почне да функционира со полна пареа, со што ќе се откочи донесувањето на важни актикризни мерки и закони, поради чија блокада штета трпат и државата, и граѓаните и бизнисот. „Се надевам дека како ќе се залечуваат позитивните пратеници, ќе се стави во функција Собранието. Да се блокираат закони кои живот значат е неразумност“, вели премиерот. Средбата е планирано да се одржи пред седницата за пратенички прашања.
Јавен повик
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати јавен повик до претседателот на Собранието, Талат Џафери, за одблокирање на работата на Собранието. Мицкоски предложи пред седницата за пратенички прашања, собранискиот спикер да свика седница на која ќе се изгласаат четири закони кои се од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба.
„Пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже собраниска седница со дневен ред со четирите закони: Одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради корон вирусот и измени на законите за финансиска поддршка на работодавачите, финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од корона кризата и измените на Законот за данокот на личен доход“, објави Мицкоски на Фејсбук.
-повеќе на темата: Мицкоски: Нашата пролет е за метла на Заев
Претседателот на Собранието, Талат Џефери претходно ја откажа седницата коајшто требаше да се одржи вчера, бидејќи Собранието немаше кворум, поради двајца пратеници коишто се во изолација поради Ковид-19. Џафери на прес-конференција го посочи прстот кон опозицијата дека ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците, во услови на Ковид-19 и оти пред него се поставуваат ултимативни предлози што не може да ги прифати. Изјавата следеше по барањето од координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, на седницата да се разгледуваат само опциите за продолжување на кризната состојба и трите точки поврзани со мерките за Ковид-19. За Џафери е неприфатлив ваквиот предлог - овие четири закони се само дел од дневниот ред на седницата на која има над 30 закони, меѓу кои има и поврзани со петтиот пакет на антикризните мерки.
Владејачката СДСМ вчера предупреди дека поради блокадите во парламентот не може да се донесе и одлука за продолжување на кризната состојба на дел од територијата на државата поради ситуацијата со мигрантите. „Кризна состојба на целата или на дел од територијата се прогласува уште од 2015 со мигрантската криза и досега никогаш не била оспорена или проблематизирана. Со кризна состојба, меѓу другото, дадени се овластувања Армијата да учествува заедно со граничната полиција во обезбедување на границите, особено границите на кои има редовни појави на нелегален транзит на мигранти. Судејќи по претходните лажни вести, следејќи ја логиката на ВМРО-ДПМНЕ, значи ли ова дека оваа партија и Алијанса сакаат во нашата држава да се населат мигранти, да се градат бегалски кампови“, изјави пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Амандмани како сопка
Кон блокадата на Собранието придонесуваат и барањата на Алијанса/Алтернатива за нов закон за државјанство. Албанската опозиција предводена од Алијансата за Албанците и Алтернатива поднесе над 19.500 амандмани на 10 предлог-закони што се најдоа на расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
-повеќе на темата: Собраниски игри без граници - нова блокада со 500 амандмани
Со ова, бројот на блокирани закони во Собранието порасна на 20, за што од албанската опозициска коалиција се поднесени 32.000 амандмани. Високиот број амандмани од Алијансата за Албанците и Алтернатива го објаснуваат со неусвоениот предлог- закон за државјанство, со кој тие бараа македонско државјанство да се добива со тројца сведоци.
Ризик за економијата
Невладината Фајнанс Тинк денеска објави дека блокадата на работата на Собранието е ризик кој носи сериозни последици врз економијата.
-повеќе на темата: Опозициската блокада на парламентот е опасна за економијата
„Во таа смисла, задоцнетата реализација или нереализацијата на економските мерки за справување со последиците од коронакризата носи висок ризик од дополнително забавување на економската активност, што ќе се рефлектира врз остварување раст значајно понизок од проектираниот“, предупредија од Фајнанс Тинк.
-повеќе на темата: Гаши: Без фингерпринт- бојкот на изборите, без државјанство- блокада на законите!
И Институтот за демократија упати апел до партиите да имаат одговорен и државнички однос. Оттаму повикуваат на обединување и апелираат до сите политички чинители и партиски лидери, за одговорен и државнички однос кон сите предизвици на моментот. „Повикуваме на крајна одговорност и обединување како никогаш досега-конструктивна опозиција и одговорна Влада. Доколку во моменталната констелација на односи консензус не е можен, до него евентуално може да се дојде низ концентрациона влада од сите партии во Собранието, притоа свесни за ризикот од неуспех на истата. Обединетост во оваа кризна состојба е клучна, во спротивно, одолговлекувањето на оваа ситуација ќе создаде тешко поправлива штета“, се посочува во јавната реакција.