Многу прашина по интервјуто на Богоевски
27 октомври 2016Сензационалните тврдења на ексразузнавачот Слободан Богоевски во интервјуто за телевизијата Телма ја подигнаа политичката температура во Македонија. Стигнуваат деманти и закани со тужби, слично како и по обелоденувањето на неговото сведочење пред американските власти во септември минатата година.
Богоевски изнесе повеќе обвинувања на сметка на актуелни и поранешни високи политички и безбедносни функционери. Тој тврдеше дека Никола Груевски станал, најпрво министер за финансии, а потоа и претседател на ВМРО-ДПМНЕ по ургенции на грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас. На тој начин, тврдеше Богоевски, Кондоминас му се заблагодарил за помошта при приватизацијата на ОКТА.
„Бидејќи Кондоминас заработи многу милиони од таа зделка на некој начин му стана љубимец и на негов предлог Груевски е предложен за наследник на Љубчо Георгиевски“, тврдеше Богоевски во емисијата Топ Тема.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска најавија тужба против Богоевски, опишувајќи го како лице кое е „осудено за криминал и за која има одлежано казна затвор“. Според владејачката партија, гостувањето на Богоевски на Телма претставува „очајнички обид на аболицираниот криминалец Зоран Заев, да користи лица кои биле осудени за криминал и лежеле казна затвор за да му ја вршат валканата работа“.
Со реакција се јави и експремиерот Љубчо Георгиевски кој ги демантираше тврдењата на Богоевски.
„...комплетен нон-сенс е дека Кондоминас сугерирал Никола Груевски да биде министер, премиер или претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Георгиевски во интервју за Слободна Европа.
Георгиевски го наслика Богоевски како „еден од најмрачните ликови на севкупната македонска транзиција“ кој треба да се игнорира.
Богоевски во интервјуто ја повтори и изјавата дадена пред американските истражители во „случајот Телеком“ дека поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков тргувал со дрога и дека поради тоа повеќе пати бил приведуван во минатото.
Поранешниот разузнувач во меѓувреме одлежа затворска казна од две години откако беше осуден поради малверзации со градежно земјиште кај салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Инаку дел од тоа земјиште било сопственост токму на грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас, кого Богоевски го претставува како главен играч во македонската политика. И Кондоминас, во меѓувреме, се соочува со серија обвинувања во Грција за затајување данок и перење пари. Последното беше поднесено на 20 октомври годинава, и се очекува наскоро да се појави пред суд. Кондоминас долго беше активен со своите бизниси во Македонија, во најголем дел преку фирмата „Космотелко“. Беше директен учесник и во приватизацијата на Македонски телеком кој и беше продаден на унгарската филијала на „Дојче Телеком“ во 2000-та година.
Кондоминас е често споменуван и во обвинителниот акт на американските власти против првите луѓе на „Маѓар Телеком“- случај кој е се уште актуелен пред судот во Њујорк.