Модерен живот во стара куќа - не само можно, туку извонредно
3 јули 2012Во улицата Кауфман во Бон има главно стари градби во стил од 19. век. Многу од нив имаат раскошни фасади. Не би се претпоставило дека во нив има шарени ѕидови, но ги има - кај Рита Рус и Аксел Рајн
на овој брачен пар четири ката се поврзани - преку јаки бои.
„Куќата треба да се „заживее“ и да се покаже дека и овде живеат луѓе. Веднаш долу има јака црвена боја и преку тие црвени ленти се доаѓа на првиот кат. Тоа од една страна е смирувачки, а од друга страна црвеното дава енергија. На погорниот кат тоа продолжува, но се е со петрол-сина боја, која е малку постудена и дава контраст. Тоа дава инспирација за размислување, човек се отвора за да го восприема сето ова.“
Друга посебност е поделбата на одделните катови. Децата живеат на најгорниот кат и поткровјето, вклучително и бања со дизајнерска опрема. Првиот кат е наменет за семејството, а најдолу, на приземје, родителите имаат две соби само за себе. Спалната соба и бањата се наоѓаат во иста просторија.
„Како голема куќа за живеење, конципирана како куќа за едно семејство, да се направи практична за семејство од 21. век?“, гласи прашањето што си го поставила Рита Рус.
Нејзиниот сопруг Аксел Рајн објаснува:
„Прво важно беше секој од членовите на семејството да има своја соба, како децата, така и родителите, што е многу важно, но истовремено да можеме да живееме и заедно, како семејство. Сакавме да ги имаме сите овие функции. А потоа, важно беше сето тоа да биде естетски поврзано и секој кат да има нешто свое.“
Согласно со тоа, брачниот пар има малку мебел. Девизата гласи - стилски парчиња мебел наместо преполни простории.
„За мене како мајка, мора да кажам искрено, ова е и еден вид стратегија за преживување, затоа што во спротивно не може да се излезе на крај со четири деца. Сето требаше да изгледа и убаво. За тоа се потребни јасни структури и ваква куќа е од помош за оставрување на таква цел“, вели Рита Рус.
Куќата помага и за нешто друго - штедење енергија. Старата градба од 1904 година е санирана, така што нанадвор речиси и не излегува енергија. Архитектот кој ја планирал санацијата Лудвиг Хајмбах вели: „Многу стари градби може да се претворат во куќи кадешто се штеди енергија, поради тоа што нивните ѕидови се дебели.“
Тој додава: „Градбите од овој период, таканаречениот Гриндерцајт, во поглед на штедењето енергија воопшто не се лоши. Го изолиравме таванот на подрумот, како и покривот на куќата, ставивме нови прозорци и вградивме ново парно греење.“
Сопствениците велат дека нивната куќа е пример. Затоа ги отворија вратите за јавноста.
„Создадовме нешто убаво и тоа радо го покажуваме!“, нагласува Аксел Рајн.
Модерен мебел и дизајн, историска градба и енергетска ефикасност - во оваа куќа се‘ е под еден покрив.