Пет прашања и одговори за дигиталните учебници
27 април 2021По најавата за воведување на дигитални учебници, во јавноста не стивнуваат реакциите и полемиките околу оправданоста на овој проект. Родителите сметаат дека децата поминуваат премногу време на компјутери и стравуваат дека и онака слабо читаат, со што во иднина би можеле сосема да ја изгубат навиката да пролистаат некој роман и надвор од школските обврски.
„Мирисот“ на отпечатената книга, според дел од родителите, ќе се изгуби засекогаш во новите образовни реформи коишто ги најавуваат надлежните од есенва. А, со нив е предвидено од следната учебна година да се воведе комбиниран модел на примена на материјалите за учење, така што од прво до трето одделение учениците ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија. За учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето обезбедува услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник.
-повеќе на темата: Мила Царовска за ДВ: Најголем патриотизам е да обезбедиш квалитетно образование за следните генерации
„Ова е чуден и неприфатлив пристап за нас, бидејќи министерството не може да одлучи за сите ученици како ќе учат, без да се консултира со нив. Министерството не е приватна компанија или пак нечиј приватен дом, туку државна институција, каде одлуките треба да се носат во консултација со оние кои се засегнати од овие одлуки“, порачаа од Сојузот на средношколци, коишто се вклучија во полемиката околу најавените измени во наставата.
Многу ученици немаат пристап до компјутери
Блерим Ходаи од Сојузот на средношколци укажува дека за време на онлајн-учењето се увидело дека многу ученици немаат пристап до дигитална опрема. Но, битно е и тоа што секој ученик има различен начин на учење. Некој го претпочита старомодното чувство на вртење на страниците на хартиен учебник, додека други ученици сакаат да употребуваат дигитални уреди и средства. „Образовниот систем мора да ги почитува индивидуалните желби и преференци на секој ученик“, вели тој.
-повеќе на темата: Ќе заминат ли хартиените учебници во историјата?
Сојузот смета дека дигитализацијата на образованието е чекор во добар правец, но не смее дигиталното да биде единственото решение.„Ако сакаме да имаме целосно дигитални учебници, тогаш училиштата мора да ја имаат соодветната структура, а учениците и наставниот кадар мора да изучуваат и стекнуваат релевантни дигитални вештини. Не може нешто да биде обрзувачко за граѓаните, а тие да ги немаат средствата да го исполнат барањето. Понатаму, ние сме земја со слаба дигитална мрежа. Впрочем ова ни го покажа пандемијата и фијаското со наставата од далечина. Апелираме доколку се воведуваат дигитални учебници, нивниот софтвер да биде поквалитетен и да не падне на првиот ден, како што тоа го направи националната платформата schools.mk“, укажуваат од Сојузот на средношколци.
Ефекти од реформата
На бројните дилеми и прашања, одговор на социјалните мрежи понуди министерката за образование, Мила Царовска.
„Дали учениците ќе поминуваат премногу време на компјутери и таблети? Не е точно дека со реформата во основното образование или пак со дигитализацијата на учебниците ќе се постигне ваков ефект. Напротив, со реформата децата ќе поминуваат подолго и поквалитетно време на училиште каде ќе учат директно од наставниците, а помалку време ќе им биде потребно да учат подоцна самите. Дигитализацијата на учебниците, лесното пребарување по нив и користење на напредни мултимедијални содржини ќе овозможи побрзо и поефикасно да учат и се развиваат“, вели таа.
Во однос на дилемата дали децата со дигитализацијата ќе изгубат контакт со книгите, Царовска објаснува дека реформата се воведува етапно. „Секојдневно на училиште децата ќе учат и пишуваат од печатени наставни материјали и воопшто нема да изгубат контакт со книгите. Овој комбиниран пристап практично ќе им овозможи на децата да имаат достапни материјали во дигитален формат како и да ги користат секаде и во секое време. Оваа модернизација на образованието воопшто не значи укинување на книгите, децата ќе развијат однос со книгата во пониските одделенија, преку лектирите и на училиште“, вели министерката за образование.
-повеќе на темата: Реформите во образованието ја разбрануваа јавноста
Од МОН сметаат дека најдобар начин за учење е во училишните клупи и дигитализацијата воопшто нема за цел да го замени учењето на училиште со онлајн учење. Затоа, тие се залагаат за што поскоро враќање на децата во училиште, штом епидемиолошката состојба тоа ќе го дозволи.
Во однос на дилемата дека децата нема да памтат и потешко ќе учат од дигиталнитe книги, Царовска вели дека децата пред се ќе учат на училиште, во директна комуникација со наставниците, учебниците ќе ги користат за брзо пребарување, потсетување и достапност на материјалот во соодветен формат како презентации и други мултимедијални содржини. Покрај ова, учениците ќе продолжат да користат печатени материјали на часовите, да пишуваат и да учат од напишаното.
Дали учениците од семејства во социјален ризик се доведуваат во нерамноправна положба, затоа што ќе немаат ИТ уреди на кои ќе бидат внесени дигиталните учебници? Ова е едно од прашањата коешто се наметна во полемиката околу најавените реформи. Надлежните велат дека за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. Ова го утврдува и новиот закон за учебници, којшто е во собраниска процедура.