Модуларни болници: Секој директор со различна приказна
22 септември 2021Локален изведувач, прием, менаџер и супервизор - ова е улогата којашто ја добиле директорите на болниците, каде што беа поставени модуларни ковид-центри. Во дел од документацијата за модуларните болници коишто ја објави ДВ, некаде тие имаат по една обврска, некаде се појавуваат во сите улоги, а некаде фигурираат и имиња на правни лица или медицински сестри коишто се наведени како локален инспекторат и супервизија на проектот. Директорите со коишто контактиравме, а чии имиња фигурираат на документите објавени на страницата на Министерството за труд и социјална политика за поставувањето и одржувањето на модуларните болници, велат дека не знаеле дека фигурираат како изведувачи или пак, како супервизори.
Дел од нив велат дека извршиле примопредавање на објектот и попис на инвентарот. За другите обврски, велат дека биле надлежни општината или министерствата. Други, пак, објаснуваат дека како менаџери на болниците се обидувале активно да бидат вклучени во имплементацијата на проектот. За објектите коишто им биле дадени во владение, вовеле 24 часовно обезбедување, поставиле безбедносни камери и противпожарни апарати. „Пандемијата ја пречекавме со нула ресурси - овие болници беа спас, во нив излечивме многу животи“, велат тие во изјава за ДВ.
Три фази на проектот
Директорот на болницата во Кичево, Станко Трпески не знае дека во документацијата е назначен како локален супервизор на модуларната болница. „Бев контактиран околу поставувањето на објектот, но првпат слушам дека сум имал улога на супервизија“, вели Станков за ДВ. Првиот човек на кичевската болница, сепак, потврдува дека и директно и индиректно бил вклучен во сите активности околу функционирањето на модуларниот-ковид центар, кој според него, има спасено многу животи во градот.
Тој раскажува дека поминале низ три фази до целосно функционирање на проектот, во која биле вклучени и локалните власти, но и градежни лица и вработени во болницата, коишто биле консултирани околу локацијата за поставување на објектот. „Анализиравме, разговаравме, се консултиравме каде има најсоодветни услови за да се постави објектот. Министерството за здравство ја постави модуларната болница, додека ние се грижевме за поставувањето на централен систем за довод на кислород. Како менаџер на институцијата цело време бев вклучен во проектот - поставивме противпожарни апарати и сигурносни камери. Воведовме и обезбедување 24 часа“, вели Трпески.
Без модуларната болница, тој вели дека не сака ни да помисли што ќе се случело. „Во неа поминавме и пекол, но и спасивме и излечивме голем број пациенти. Очајно ни требаше таков објект - кубуревме со простор, инфективно одделение немавме, работевме само со еден инфектолог. Почнавме со нула ресурси, за потоа да обезбедиме и обучен кадар и услови за да ги лекуваме болните“, дециден е Трпески.
Тој вели дека го загрижуваат информациите дека имало посети во тетовската болница, кадешто избувна пожарот во ковид-центарот во кој загинаа 14 лица. „Добивме протоколи по коишто треба да се постапува, а во нив беше стриктно назначено дека посети не смее да има“, дециден е нашиот соговорник.
Попис, а не надзор
Директорот на болницата во Охрид, Горан Балев, во документите насловен „План за еколошки и социјален менаџмент“ на модуларните болници, објавени во октомври 2020 година, фигурира како човек којшто го примил објектот во употреба, и како локален инспекциски супервизор, но и како контролор. „Болницата обезбеди простор за поставување на модуларната болница, додека за подлогата, струјата и канализацијата беше задолжена општината. Ние само извршивме примопредавање на објектот. Кога ни го предадоа направивме попис на инвентарот колку кревети, шкафчиња, столици има и дали е се во исправна состојба. Имавме забелешки во однос на водата и проблемот беше саниран“, изјави Балев за Дојче веле.
Од предавањето наваму, објектот е грижа на болницата, а Белев вели дека не би знаеле што да прават, доколку не ги добиле овие монтажни објекти за згрижување на ковид-пациентите. „Во ковид-центарот моментално имаме згрижено 20 пациенти со Ковид-19. Оттогаш досега не сме имале никакви проблеми во модуларната болница, којашто беспрекорно функционира. Имаше периоди кога таму имавме згрижено и над 50 заболени лица. Во екот на пандемијата минатата година и шатор да ни дадеа во него ќе работевме, со оглед на тоа дека немавме инфективно одделение и услови каде да ги згрижуваме болните“, дециден е првиот човек на охридската болница.
Што е наведено во документацијата?
Дојче веле објави документи, според кои, Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да ги менаџираат модуларните болници. Документите насловени „План за еколошки и социјален менаџмент“ на модуларните болници, објавени во октомври 2020 година во подробности ги опфаќаат фазите на изградба на модуларните болници, нивното одржување и контрола за секоја од нив поединечно. Темата предизвика голем интерес во јавноста по пожарот во Тетово, каде во модуларниот ковид-центар на 8 септември загинаа 14 лица.
Во речиси сите модуларни болници кои беа градени во земјата за време на пандемијата - како надлежни за надзорот над работата наведени се само имињата на директор на локалната болница, понекаде и економскиот директор, во еден случај главната медицинска сестра, а во два града, Штип и Велес- никој поименично, односно наведено е само „менаџер“. Се работи за вкупно 17 модуларни болници кои државата ги финансираше со кредит од Светска банка во вредност од 3,8 милиони евра. По реализацијата на проектот, во документот требало да биде впишано и името на инженерот кој извршил надзор над завршената работа. Таа графа останала празна во сите модуларни болници.
Забелешки за објектите
Докторот Мухамед Асани повеќе не е прв човек на струшката болница, но неговото име фигурира во документацијата на Светската банка, МТСП и Министерството за здравство за поставувањето и одржувањето на модуларната болница. Тој за ДВ вели дека како тогашен менаџер на болницата извршил примопредавање на објектот и попис на инвентарот. Имал и мали забелешки околу кондензацијата на лимот на покривот, на што било укажано да се санира. Но, супервизијата вели тој, била спроведена од страна на претставници на МТСП и на Министерството за здравство.
„Наша обврска беше да обезбедиме локација каде да се постави модуларниот објект. Темелите за објектот, водата, канализацијата беа обврска на општината. Болниците немаа никакви ингеренции во тој дел“, објаснува Асани.