1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можна ли е „активна помош“ за одење во смрт?

22 декември 2010

Судот за човекови права во Стразбур треба да одлучува дали во Германија треба да биде дозволено во исклучителни ситуации земање на високо дозирани лекови со смртоносно дејство.

https://p.dw.com/p/QH6U
Во Германија не е дозволено земање високо дозирани лекови со смртоносно дејствоФотографија: picture alliance/dpa

„Тоа не беше живот, туку мачење, ден и ноќ.“ Со овие зборови Улрих К. го опишува животот на неговата, тогаш 52 годишна жена, која поради повреда на ‘рбетот станала неподвижна од вратот надолу. По три години мачен и неподнослив живот таа сакала да му стави крај на таквиот живот. Поради тоа што не и’ било дозволено во Германија да земе смртоносна доза од средството за спиење, таа и нејзиниот сопруг отишле во Швајцарија каде им било ставено крај на маките. Пет години потоа, сопругот Улрих К. сака да издејствува од Судот за човекови права и во Германија да биде дозволено во исклучителни ситуации земање на високо дозирани лекови со смртоносно дејство.

„Таа страдаше од големи грчеви во мускулите. Грчевите и‘ правеа проблеми и не можеше да седи во инвалидската количка. А, тоа и беше многу важно затоа што сакаше да ги гледа луѓето во очи додека зборува со нив. Но, кога ќе добиеше големи грчеви додека седеше моравме веднаш да ја извадиме од количката“, вели Улрих К.

Sterbehilfe, Hospiz, Morphium
За погодените смрта е единствен спасФотографија: dpa

Жена му беше зависна од инвалидската количка, апаратите за дишење, цревата за течната храна, а не можеше ниту да зборува. Овој тажен живот, вели тој, започна сосема одненадеж во 2002 година. Поради едно мало невнимание, бидејќи рацете и беа зафатени со кеси од пазарењето, се сопна и падна во дворот пред куќата. При падот си го повреди вратот и остана комплетно неподвижна: „Моравме да ја бањаме додека лежеше, а притоа не смееше да се прекине дотокот на кислород. Поради тоа мораше да се монтира долго црево. Ноќите ни беа особено тешки со неа.“

Улрих К. ова го раскажа уште еднаш пред Судот за човекови права во Стразбур. Она што нему притоа особено му е важно е да објасни зошто неговата жена не сакала ништо друго, освен да умре. А, тоа не и’ било дозволено во Германија: „Жена ми беше многу самостојна, со голема самодоверба и гордост. Тоа што стана зависна од постојана нега за неа беше страшно. Освен тоа, не сакаше и нас да не’ мачи.“

Барање за смртоносна доза од средство за спиење

Sterbehilfe
Улрих К. три години ја негувал неговата безпомошна женаФотографија: AP

Со оглед на безнадежната ситуација жена му во 2004 година поднесе барање до Сојузниот институт за лекови, да и‘ препише смртоносна доза од средство за спиење. Институтот го одби барањето. Брачниот пар поднесе тужба пред германските судови. Но, загуби на сите инстанци: „Во очај неколку пати ми има кажано: ако не ми дозволат да умрам, нели можеш ти да ми ставиш перница врз лицето и да не морам да го трпам повеќе сето ова?“

Во германскиот кривичен законик, во параграфот 216, стои дека убивање, по изричита наредба или барање на убиениот, се казнува со затворска казна од 6 месеци до 5 години. На ваквата т.н. активна еутаназија, се противат католичката и евангелистичката црква. Освен тоа, при секоја ваква дебата се јавуваат гласови кои ппотсетуваат на програмата за еутаназија од времето на нацистите, кога повеќе од 100.000 хендикепирани и болни биле убиени, поради нивните (како што се тврдеше тогаш) „невредни животи“. Кривичното право, моралот и историјата се едно, но она што брачниот пар го бараше беше излез од таквиот живот.

Што е легално, а што не?

Logo Dignitas Schweiz
Швајцарската фирма Дигнитас им помага на смртно болните да си ги скратат маките

„Во август 2004 година зборувавме со повеќе лекари и медицински сестри за тоа како да си го скрати животот во домашни услови“, вели Улрих К.

Доколку доброволно умреше од глад или жед од правна гледна точка ќе беше легално. Но, Улрих К. не можеше да ја гледа таквата смрт на жена му. Затоа во март 2005 година се одлучи со неговата, тогаш 55 годишна жена да отпатува во Швајцарија. Со помош на фирмата Дигнитас таа му стави крај на макотрпниот живот. Пет години подоцна Улрих К. сака да издејствува од Судот за човекови права да биде дозволено во Германија во исклучителни ситуации да биде дозволено земање на силно дозирани лекови со смртоносно дејство. Конечната одлука на Судот за човекови права во Стразбур се очекува да биде донесена кон средината на наредната година.

Автор: Мартин Дурм / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Жана Ацеска