1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молитва за мир

Јан-Кристоф Кицлер / Е. М. Фиданоска8 јуни 2014

Сите досегашни обиди за решение на конфликтот меѓу Израелците и Палестинците - пропаднаа. Папата Франциско, израелскиот претседател Перес и претседателот на Палестинците Абас денеска (8.06) заеднички ќе се молат за мир.

https://p.dw.com/p/1CEUO
Фотографија: Reuters

Заедничката средба папата Франциско планираше всушност да се одржи уште за време на неговата посета на Светата земја. Но, со оглед на тоа што тоа не беше логистички можно, сега во Рим доаѓаат израелскиот претседател Шимон Перес и претседателот на Палестинците, Махмуд Абас. „Ги поканив претседателите на Израел и Палестина да дојдат во Ватикан и заедно да се помолиме за мир“, рече папата, додавајќи: „И ве молам да не не‘ оставите сами. Молете се многу за господ да даде мир во тој благословен регион.“

Франциско сака да го стори своето за тој мир, со црковни средства. На програмата нема мировен план, нема заеднички изјави. Во сенката на Базиликата на Св. Петар ќе има молитва за мир. Отецот Пјербатиста Пицабела, кој учествувал во планирањето на средбата, нагласува - во Ватикан не се крои политика. Тоа ќе биде „момент на пауза од политиката“. Притоа, Ватикан има политички претстави за регионот. Првпат за време на патувањето на папата, на крајот на мај, стана збор за палестинска држава. И Ватикан се залага за решението „две држави“. Првиот човек на Државниот секретаријат на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин, го нагласува како правото на егзистирање на Израел, правото на мир и безбедност во рамки на меѓународно признатите граници, така и правото на палестинскиот народ на суверена и независна држава. Освен тоа, треба да се признае и светиот и универзален карактер на градот Ерусалим, на неговото културно и верско наследство.

Jerusalem Papstbesuch Yad Vashem 26.05.2014
Папата во Ерусалим со израелскиот премиер и претседателот, Нетанјаху и Перес (26.05.2014)Фотографија: Reuters

Но двајцата претседатели кои ќе се сретнат во Ватикан, не можат да реализираат вакво решение, дури и да сакаат. Мандатот на Перес истекува - наредната недела ќе се избира негов наследник, а израелскиот премиер Нетанјаху има тврд курс спрема Палестинците. Моќта на Абас е исто така ограничена. Во Појасот Газа, каде владее Хамас, тој нема влијание. Но сепак, интересот во регионот за денешната молитва е голем. Над 20 израелски новинари се во придружба само на Перес.

Papst Franziskus in Bethlehem
Папата Франциско во Витлеем со претседателот на Палестинците Абас (25.05.2014)Фотографија: Ahmad Gharabli/AFP/Getty Images

Ватикан се надева дека молитвата ќе биде важен знак, но сепак очекувањата не треба да се преголеми. Пицабела нагласува дека никој „не е на мислење и не верува дека утре ќе завладее мир или дека мирот ќе биде чекор поблиску“. Намерата на оваа иницијатива е „да се отвори патот кој на одредено време беше затворен, имено повторно да се разбуди копнеж, можност да се случи нешто, да се промени нешто“.

За на средбата да и‘ да се даде дополнителна тежина, во Ватикан доаѓа и вселенскиот патријарх Вартоломеј. Тој заедно со папата Франциско и претседателите Перес и Абас ќе посади маслиново дрво во Ватиканските градини. Сето тоа поврзано со надежта дека ваквиот симболичен гест некогаш ќе даде и политички плодови.