Моја Европа: Да се патува и да се допре животот
26 август 2017Одморот треба да биде по поволна цена, угоден и да донесува леснотија. И првенствено, да делува освежувачки врз нас. Патувањата треба да ни помогнат во релаксирањето, во кумулацијата на енергија, во проширувањето на нашите хоризонти. Од нашите патувања, од престојот на непознати места, сакаме да понесеме нешто. Но, што оставаме ние самите на местата кои нѐ даруваат со толку убави нешта?
За време на сезоната на одмори, најпосакуваните и најпознати дестинации во Европа и во светот претрпуваат катастрофални последици од масовниот туризам. Долго време преовладуваше предноста на донесените пари и се затвораа очите пред нанесените штети. Барем од еколошки аспект, овие последици се споредливи со варварските преселби на народите. Местата како Венеција, Фиренца, островите како Мајорка, налето се гушат под бремето на пренатрупаност со луѓе, прекумерна употреба на вода, проблеми со отпадните води, издувни гасови, купишта од смет, оптовареност од бучава. Бесрамноста, ароганцијата, немањето почит и отсуството на секакви инхибиции кај некои туристи во некои места по сезоната, во преносна смисла, предизвикуваат глетка на пустош.
Во меѓувреме, луѓето не сакаат да го прифатат ова. Шпанија, Италија и други туристички земји се противат, сакаат обештетувања, бараат туристички данок. Прашањето само е - дали природната средина и натаму ќе биде уништувана, само за повеќе пари.
Зошто луѓето воопшто сакаат секогаш да отидат истовремено таму, каде одат сите други? И зошто не испробуваат нови патишта, во сопствена режија?
Пат во непознато
Што се однесува до мене, јас обожувам да патувам. И самото патување е убава цел за поминување на одморот. Европа е прегледна и може да се пропатува за време на одморот, до најголем дел од местата на континентот можно е стигнување со воз, автобус и со ферибот. И тоа по поволна цена.
Дури и до најоддалечениот остров Сејдисфјордур во источен Исланд, од Хамбург може да се стигне со воз, ферибот и автобус за 57 часа. Најмалку еднаш притоа треба да се преноќева во Данска, што за многумина е посебно доживување.
За време на патувањето треба, односно може да се разговара со староседелците, да се замолат за помош или гостропримство, да се дознае нешто за нивниот живот и нивниот свет и светоглед од прва рака. И да се формира сопствено мислење. Може да се раскаже нешто за себе, преку разговор со туѓинците човек наново да се искуси и узнае себеси. Зашто, во крајна линија, потрагата по авантури во широкиот свет е всушност потреба, скриена желба за себеоткривање во другите, за себеогледување во нив, наново запознавање со себе.
Чувство на припадност
Поставувањето прашања на патувањата, дури и кога човек веќе го знае одговорот, помага за отпочнување разговор. На германски јазик, на некој германски дијалект, англиски. Или со помош на други јазици со кои се владее. Но, сигурно и со помош на знаци, пиктограми, со раце и нозе, со целото тело и со очите. Гестовите понекогаш можат да збунат. Но, јазикот на очитеи на мимиката се недвосмислени и разбирливи за секого. Од тоа може да настане пријатно, сзопфатно чувство на припадност. И чувство на одговорностза својот, но и за животот на другите. Може да се создаде длабока поврзаност од она што нѐ обединува, од човечкото во сите нас. А од тоа ќе произлезе чувство на одговорност за судбината на туѓинците, за судбината на нашата планета.
Летот од Берлин до Родос трае околу три часа. Но, што се доживува во трите часа, освен чекирањето или проверката на багажот и пасошката контрола? Според Гугл, за оваа делница со сопствен автомибил се потребни околу 36 часа.
За оваа релација, ако се поминува пешки преку Чешка, Романија, Бугарија и Турција, вклучувајќи ги и малите делници кои мора да се поминат со траект, потребни се 519 часа, зашто во прашање се 2618 километри. Во денешна Европа, со сите можни технички помошни средства и достапни информации, тоа е лесно остварливо.
Патување и заљубување
Познатиот британски патеписец Патрик Лај Фирмор во 1933 година, млад човек, наоружан со ранец и пасош, неколку географски карти, речници за странски зборови, пенкала, нотеси, англиска лирика и збирка посеија од Хорациј, се упатил пешки на пат низ Европа кон Константинопол. Мора да се додаде, нему му била потребна повеќе од една година.
Според Гугл, оваа рута пешки може да се помине за само 529 часа. Тоа е помалку од еден месец. Но, во случај ако човек не го снајде она што му се случило на сер Патрик, да се заљуби во една романска принцеза, и со не да помине убави часови во Букурешт или во семејниот дворец во Влашка. Дури, засекогаш да „заглави“ таму. Зашто, ако војната тогаш не ја прекинела идилата, сер Патрик, ако не умрел, можеби и до ден денес би бил таму.
Кармен-Франческа Банчиу е романска и германска писателка и доцент. Од 1990 година живее во Берлин и како слободен автор води семинари за креативно пишување. Од 1996 година пишува и на германски јазик. Нејзини последни издадени дела се книгите „Лесно ветре во рајот" и „Берлин е мојот Париз - приказни од престолнината".