1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Моќта на уметноста во сериозни времиња

Дана Григорчеа
24 декември 2016

На почетокот на секоја уметност е човекот - и безусловната човечност. Колумна на Дана Григорчеа.

https://p.dw.com/p/2UnZX
Dana Grigorcea Gastautorin für "Mein Europa"
Фотографија: ZDF

За време на моето детство во комунистичка Романија, литературата имаше посебно значење: забранети книги циркулираа од семејство до семејство. Воопшто, книгите беа прозорец кон светот и затоа што главно се занимаваа со прашањата на љубовта и смртта, беа дел човечност во диктаторскиот режим на самоволие.

И по тоа мрачно време на комунизмот, јас повеќе од кога било бев убедена дека литературата - читањето како и пишувањето - образува за емпатија. Таа тоа го прави преку предизвикот да се нурне во други светови, да се следат поинакви мисли.

Но, што јас како писателка и мајка во Цирих на пример можам да сторам за луѓето од Сирија кои бегаат кај нас во Европа?

Заедно со Гунда Цеб која се занимава со театар, пред една година во Цирих започнавме серија книжевни вечери, чии приходи како директна помош одат кај бегалците во Грција и во Турција. Еднаш месечно, тројца познати автори од Германија читаат делови од своите најнови книги или текстови кои ги напишале за оваа пригода. Некои од тие текстови се за војна и миграција, но сите зборуваат за човечност и она што нѐ држи заедно, како уметници и како луѓе.

Како да се пишува во диктатура, какви ограничувања доживува писателот во слободниот свет, што го отежнува пишувањето и што го поттикнува? Во што е вредноста на книгата, ако се стави настрана продажбата ? Литературните вечери кои ги организираме во добротворни цели изгледаат така што јас кусо го најавувам авторот и текстот кој ќе се чита. Покрај авторот, двајца актери читаат и преведени текстови. Колку може да биде разиграна и експериментална уметноста во време на голема сериозност? Што може и што треба да направи уметноста во турбулентни времиња, односно што ја прави слободна? На овие прашања ние одговараме во текстовите кои ги презентираме.

Symbolbild Buch Bücher Lesen
Фотографија: Colourbox

По читањето, авторите и гостите седат заедно, се служи варено вино или топла супа. Разговорите се неверојатно политички, неверојатно, бидејќи на сите нас ни се познати приказните за тоа дека по Фриш и Диренмат во Швајцарија постои политичка апатија. Каква грешка! Писателите, токму поради она со што се занимаваат, се софистицирани сеизмографи на својата средина, значи неминовно политички. Единствено што веќе не ги доживуваме како глас на општеството, бидејќи нивните книги се дефинираат преку пазарна вредност, за време на една сезона, сигурно не повеќе од две, а потоа застаруваат.

Книжевните вечери се многу популарни, бидејќи произлегуваат од една потреба. Се собираат значителни суми пари, а самото случување публиката ја наведува на натамошна иницијатива, или да се ангажира за донации или да се обезбеди помош на самото место во Средоземјето.Токму во ова несигурно време, силите на сите љубители на убавината мора да се здружат и моќта на цивилното општество која зрачи со уметност да се канализира во проекти за пружање итна помош. Токму во овие тешки времиња мора да се покаже дека на почетокот на секоја уметност стои човек - и безусловна хуманост.