Моја Европа: Патување низ европските болници
17 јуни 2017Неодамна се спрепнав на камен и тешко го повредив ножниот зглоб. И тоа не во Берлин, туку во малото грчко место Мани на Пелопонез. Се чини, полесно е да се преминат границите во самата ЕУ, отколку административните и регионални граници во една држава. За да бидам пренесена со болничко возило во најблиската болница во Каламата, на регионалната граница мораа да ме преместат во друга болничка кола, испратена специјално за мене од Каламата. А подоцна, во Берлин, пријателите мораа да ме пречекаат на аеродромот Шенефелд среде ноќ и лично да ме одведат во болница, зашто порачаниот болнички транспортер од Берлин не е надлежен за преземање на пациент во сојузната покраина Бранденбург, на чија територија се наоѓа аеродромот.
Финансиската криза ги прави роднините незаменливи
Но, јас сакав и морав да стигнам во Берлин. Трите дена поминати во грчка болница ме уверија во неопходноста од оперирање во Германија. Без оглед на одлично едуцираните лекари, за кои слушнав само пофалби, ме фрапираа последиците од грчката финансиска криза во здравството. Врз малубројниот персонал беа натоварени сите задачи, не само медицинските, туку и чистењето, што претставува енормно оптоварување.
Недостигаа или воопшто немаше наједноставни помошни средства, како инвалидски колички, патерици, завои. Како пациент со тешкотии во одењето, човек автоматски добива катетер и антибиотици, ако нема роднини кои можат да му помогнат при одење во тоалет.
Утеха беше храната. Се сервираше двапати дневно вкусен, топол домашно зготвен оброк.
Роднини се неопходни и по извршена операција. Членови на семејствата живееја кај своите болни, спиеја на кревети на расклопување и дежураа на неудобни столици, згрижувајќи ги нон-стоп, купувајќи лекови и помошни средства во градот. Преоптоварениот персонал задолжен за нега беше обесхрабрен, нестрплив, не беше посебно пријателски настроен. Владееја околности какви што веќе доживеав пред неколку години во Романија, за време на болеста на мојот татко. Таму за животно животно преживување беше неопходно и подмитување на медицинскиот персонал.
Болницата како претпријатие
Стигнувајќи во берлинска болница, се чувствував како да сум дошла во рај. Пријателски настроен, услужлив, персонал полн со трпение. Високоспецијализирани хирурзи, кои двапати дневно доаѓаат во визита кај пациентите. Медицински сестри и болнички негуватели кои за пациентите се грижат со целосна преданост. Имаше и физиотерапевти, масери, чистачи и друг помошен персонал: секој ден чисти пижами, постелнина, пешкири. За секој пациент телефон, телевизор, инвалидска количка, ортопедски помагала за одење. Чај и кафе преку цел ден и цела ноќ. Дури во близина постоеше и една кафетерија.
Првите проблеми започнаа во врска со исхраната. Оброците ги донесуваше кетеринг-сервис. Се чини, таму никој немал поим околу правилата за исхрана на болни лица, а ниту преголемо воодушевување при готвењето. Редовно, за пациентите кои не смеат да консумираат глутен, беше лиферувана храна што е забранета за нив. Понекогаш дури со знак прашалник на испратницата. Јадењето не беше секогаш во функција на процесот на заздравување.
Треба да се вложува поплака, советуваа медицинските сестри. Пациентите се клиенти. А клиентот е крал. Болницата е претпријатие, кое мора да се грижи за својот профит. Болници се нотирани на берза. Постојат паушали кои се пресметуваат не според процесот на опоравување на пациентот, туку според неговата профитабилност. Што поскоро пациентот ја напушти болницата, е попрофитабилно.
Профитот над сѐ?
Но, што со пациентот по тешка операција на нога, кој не може сам да се грижи за себе дома, иако сѐуште нема 75 години? Паднав во дупка во системот и станав пациентка која одбива да ја напушти болницата додека не се најде решение. А решение беше најдено. Преминав во одделението за „преодна нега“. Болниците мора да водат сметка за оценките кои им ги даваат пациентите. А ако е пациентот упорен, за посебни случаи секогаш има и посебни решенија.
Но, ми изгледа дека никој кој активно работи во здравството, било лекарите или медицинските сестри, негуватели или друг персонал, не е согласен со третирањето на пациентите како клиенти и со трансформацијата на болниците во претпријатија кои остваруваат профит. Можеби би било корисно да се зајакне комуникацијата, меѓусебната поддршка и солидарноста меѓу пациентите, луѓето на кои им е потребна помош, и медицинските работници. Најпосле, пациентите би требало да се чувствуваат прифатени и не смеат да загубат доверба, нивното лечење е главна цел.
Кармен-Франческа Банчиу е романска и германска писателка и доцент. Од 1990 година живее во Берлин и како слободен автор води семинари за креативно пишување. Од 1996 година пишува и на германски јазик. Нејзини последни издадени дела се книгите „Лесно ветре во рајот" и „Берлин е мојот Париз - приказни од престолнината".