Моја Европа: Риба со бели дробови
15 април 2017Кога ќе стигнеш во Германија, немаш од што да се плашиш. Пред тебе е метаморфоза низ која и самата поминав откако ја напуштив мојата татковина, Бугарија.
Тогаш „бев риба. Водата беше моето животно опкружување. Но, еден ден целосно неочекувано, моите шкрги откажаа. Излезе дека јас сум всушност риба со бели дробови. Потоа се појави и мамецот. И кога се разбудив во една колиба, почнав да го разбирам човечкиот говор. Ме прифатија како чудо: риба со глас и бели дробови. Поминав низ процес кој инаку трае стотици години: развој од риба во човек. Веќе никој не ме смета за чудо. Единствено што не можам да пливам како што треба.“
Втора татковина
Пред 46 години на нас странците во Германија се гледаше како на чудни примероци. До ден денешен се чудам на тоа. Но, позитивно. Во Германија не ти требаше диплома за да бидеш угледен граѓанин. Овде етничките малцинства, како Евреите и Ромит,е многу повеќе се почитувани отколку во некогашниот Источен блок. Овде странците помалку се делат на „добри странци“ и „лоши странци“, како што беше случај „таму отспротива“, во бившата Германска Демократска Република или „таму долу“, кај нас на Балканот. И лицата со инвалидност во Германија се рамноправни членови на општеството и семејството, и за тоа искуство сум благодарна!
„Мојот страв нема пасош. Нема државјанство. Мојот страв се раѓа секој ден. Со други зборови: денеска. Роден, каде? Можеби на Исток, би гласел евентуалниот одговор на ова прашање. Или можеби овде, во земјата на загубените мајчини јазици. На прагот на допири, контакти. Навечер во осум пред телевизорот. Мојот страв победува. Дозвола за престој - неограничена, со право на самостојна дејност. Посебни одлики - боја на очите: неограничена.“
Вистина е, Германија некогаш ја нарекував своја втора татковина, „земја на загубените мајчини јазици“. Тукушто го преведов својот роман со тематика од детството, „Седум килограми време“, по 30 години го преведов и наново го напишав на својот мајчин бугарски јазик. И стремам кон тоа Германија да ја нарекувам „земја на повторно освоениот мајчин јазик.“
Јазикот е клучот
Никогаш не смее да се заборави - јазикот на луѓето овде е германскиот. Без оглед во која земја да се разбудиш, јазикот на домашното население е клучот кој ќе ти ги отвори вратите во нивните срца. Германскиот јазик е прво и најважно превозно средство што ќе те одведе во пристаништтео на твојата нова татковина. Во Германија ќе се почитува твојата различност и никој нема да те тера да бидеш погермански од Германците. А ти, кој си ги напуштил водите на твојата татковина, ќе уживаш во слободата на сопственото убедување и преку можните алтернативи ќе тргнеш по нови патишта:
„Преживување. Тоа ѝ беше прво на памет на рибата кога се разбуди на плажа. Но, тука веќе беше еден четвороножец или двоножец кој неколкупати ја преврте низ песокот. Рибата за него имаше пресилен мирис, му беше премногу страсна и премногу лизгава, па затоа ја остави на мир. Во својот очај, рибата стана и се обиде да направи прв чекор. Никогаш нема да научи да оди, ѝ рече дво-или четириножецот на рибата. Нема врска, одговори рибата. Јас и онака сакам да летам.“
(Цитатите во курзив се извадоци од книгата на Румјана Захариева, „На дното на времето“)
Румјана Захариева е книжевник со бугарско потекло и пишува на германски јазик, таа е радиски автор и преведувач, како и член на германскиот ПЕН-центар. Од 1970. година живее во Бон.