Моја Европа: Сон за своја татковина
2 декември 2017Ако се тргнат настрана уличките во нашите градови и нашите навики, како и нашите крвни врски, остатокот на светот е сурова џунгла, во која може да преживеат само измамници. Така раскажувале бабата и дедото на протагонистот во „Полскиот јавач". Но, тој отсекогаш сакал да си замине. Наградуваниот шпански писател Антонио Муњоз Молина опишува како Мануел уште од детството сака да избега од својот роден крај, малото андалузиско гратче Магина. Сакал да биде граѓанин на светот, да зборува странски јазици и да живее во најважните светски метрополи - Париз, Њујорк или Брисел.
Музика што го оформила
Вообичаено за младо момче што се бунтува, Мануел ги слушал The Doors. Постојано и постојано ја слушал „Riders on the Storm“ и „Break on through“. Така научил англиски; во шеесеттите години во шпанските училишта немало странски јазици во курикулумот. Подоцна Мануел станал симултан преведувач и сонот му се остварил.
Некаде на средина на третата декада повторно го чул гласот на дедо му. И наеднаш сиот живот му изгледал неуспешен. Гласот на дедо му велел: ако одиш уште чекор понатаму, нема веќе враќање назад. Засекогаш ќе останеш туѓинец. Нема да имаш место кое толку ќе ти значи, што ќе сакаш таму да останеш. Оти секој човек има само еден јазик и една татковина, можеби дури и само еден град и еден пејзаж.
Кој е во право, Мануел или дедо му? Дали ние луѓето сме проколнати како млади да сонуваме да водиме нов и поинаков живот, настрана од ограничувачките граници на нашата конзервативна татковина, за децении потоа да им признаеме на старите дека биле во право и да се вратиме со каење назад во родителскиот дом?
Лошотијата таму некаде
Мене лично родителите (и двете баби) не ми зборувале дека далечниот свет е сурова џунгла. Иако во последната декада од челичната завеса можеле да се најдат доволно причини за тоа - голем дел од моето семејство е убиен во Втората светска војна, можна конфронтација со гнилиот капитализам беше латентна.
Јас од дома бев научил нешто друго: лошото во светот не го изостава ниту нашиот град, ниту луѓето со кои сум во крвно сродство. Актуелно тоа се гледа и во кампањата #MeToo на социјалните медиуми. Безброј луѓе, во најголем дел жени, раскажуваат за своите трауматски искуства. Некои се од далечниот свет, но некои од најблиското опкружување: како деца дома, но и кај роднини, во професионалното и најблиското опкружување. Кој до сега сакал да мисли дека само странски неранимајковци додеваат и силуваат, мора под итно да си ги актуелизира информациите.
Што ми кажува тоа? Здравиот свет во татковината е сон. Утопија.
На лично, егзистенцијални ниво го следи секој човек отсекогаш. На некои тој сон можеби им носи среќа. На други им прави притисок. Во семејното опкружување сонот честопати се раскажува како да е вистина, притоа многу почесто е само лага. На крајот е произволна одлука каде ќе го лоцираме лошото во светот - во нашиот или во туѓиот град.
Пренесено на политичко ниво лагата за здравиот татковински свет честопати мутира во инструмент на моќ. Како таков е етаблирана во поново време. Заедно со поимот за нација и идентитет, оваа лага припаѓа во залажувачките откритија на 19. век. Без неа, мобилизацијата и фанатизирањето на милиони луѓе, кои во 20. век беа подготвени да си ја жртвуваат личната среќа, да ги напуштат своите семејства и да отидат во војни за меѓусебно да се убиваат, не би била можна. Татковина на политичко ниво е експлозивно добро.
Татковина во луѓето
Протагонистот на Муњоз Молина успева да се спротивстави на уништувачката сила на утопијата за татковина на двете нивоа. Неговото сеќавање има подлабоки корени отколку гласовите на баба му и дедо му. Тој раскажува за маките на своите блиски, иако тие за тоа молчат.
По збунета потрага, Мануел ја наоѓа татковината во ... љубовта. Исто како што е и во една од неговите омилени нумери на The Doors. На крајот надвладеа гласот на Џим Морисон: „I found an island in your arms/Country in your eyes“.
Јас лично сум на страната на Мануел. За мене се луѓето оние кои ми ја прават татковината. Може да живеат во моето родно место или многу далеку од него. Секогаш се радувам да ги сретнам таму каде што си живеат. Истото важи и за мене. Има повеќе географски места, каде со драго срце престојувам. Мојот роден град Варшава е само едно од нив.
Станислав Штрасбургер е роден во Варшава. Тој е писател и менаџер за култура. Во форма на книги објавил: „Опседнатост: Либан" и „Трговецот со приказни". Живее наизменично во Берлин, Варшава и разни медитерански градови. Тој е и член на Советот на здружението „Humanismo Solidario“.