1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекајќи ја селанската буна 2018

Јагода Мариниќ
3 февруари 2018

Социјалдемократијата заборави кој е таа самата и кои се селаните кои би можеле да следат нејзин повик на селска буна, смета Јагода Мариниќ во својата колумна.

https://p.dw.com/p/2s1u7
Jagoda Marinic Autorin
Фотографија: D. Piroelle

Живееме во времиња во кои сѐ помала група луѓе станува сѐ побогата, а сѐ поголема група - без оглед на благосостојбата и работата, не може да учествува во богатството. Социјалдемократијата, потребна како ретко кога, е заталкана во суети и преголема чувствителност. Додека некогаш политичарот, кој критиката можеше да ја прифати опуштено и да остане посветен на проблемот, беше поим за сувереност, сѐ поголем број политичари сега сметаат дека можат да се „истурат“ врз критичките новинари.

Тоа е неиздржливо, од причина што се потребни политичари кои нема да бидат преокупирани сами со себе, туку со животните услови на луѓето. Потребно е запирање на ерозијата на општествената кохезија. Во моментов многу се зборува за #MeToo и за можниот пресврт предизвикан од гласното женско движење. Премалку се дискутира пак за штетите кои ги произведе Трамп со ширење на својата слика на неолиберална, нарцисоидна  авторитарна машкост меѓу младите мажи и кај припадниците на раководните кругови. Дијалектиката на денешната борба на половите: еманципацијата на жената оди рака под рака со враќањето на авториратното машко владеење.

Weltwirtschaftsforum 2018 in Davos | Dinner CEO's & Donald Trump, Präsident USA
Трамп и економските „босови“ во ДавосФотографија: Reuters/C. Barria

Гозба на неолиберална безобѕирност

Кога во Давос на маса заедно со Трамп на вечера седеа шефовите на европски концерни, претежно од машки пол, сликата наликуваше на гозба на презривите. На вечерата беа присутни и работниците - но во своите столови пред телевизиските екрани. Имаше времиња кога селаните и работниците соборуваа влади, зашто вечерале на државен трошок, со помислата: овие елити ги гнетат плодовите на нашите отечени раце. Вакво размислување денес се смета за надминато, можеби затоа што нема доволно работници кои за својот труд плаќаат со отекување на рацете, туку со брнаут и депресии. Денес живееме во постидеолошка ера и општествените прашања сакаме да ги решиме настрана од Карл Маркс. Но, како би било повторно да се дигнеме против воскреснувањето на авторитарната машкост?

Шефот на Сименс Џо Кезер бесрамно им се потсмеа на 6.000 луѓе, планирани за отпуштање. Тој рече: „Веќе не се потребни турбини за гас, тоа ќе значи 6.000 работни места помалку во Германија.“ А потоа работниците го видоа на вестите на вечера со Трамп, каде поднадуен, најави дека планира производство на турбини за гас во САД. Биг Деди климаше задоволно со главата. Ретко кога влијателните луѓе се избламирале во толкава мерка со својата неолиберална безобѕирност како оваа машка трупа на вечерата со Трамп во Давос. Победник е оној кој ја максимира добивката. Загубите пак треба да ги амортизира целото општеството. Заедницата во која станува сѐ поразединета, зашто единките сѐ повеќе „извисуваат“ поради одлуки како онаа на Џо Кезер и веќе не можат да ги прехранат своите семејства.

Постои причина поради која левичарите некогаш беа противници на глобализацијата, сѐ додека не дојде Трамп, кој исто така е против глобализацијата. Од тој момент антиглобалистите ги зафати страв дека можат да бидат класифицирани во ист кош со националистите. Станаа многу тивки. Што и кој е воопшто „Давос“? Постоеше време кога демократите бараа политички структури кои ќе овозможат контрола и потранспарентни политички резултати. Но, неформалните средби како Г20 или Давос, доминирани од економијата и декорирани преку политиката, ја поткопуваат транспарентноста. Билет за учесник на конференцијата во Давос чини петцифрена сума. Макрон доаѓа, Меркел исто така, присутни се и САД и Кина. Но, на повик на цивилните иницијативи, на политичарите често им е тешко да најдат слободен термин. Популизам? Па нека е.

Berlin Koalitionsverhandlungen zwischen Union und SPD
Социјалдемократите загубени во својата ориентацијаФотографија: pictur-alliance/dpa/G. Fischer

Самозаборавена социјалдемократија

На богатата Германија, со нејзината наводна водечка улога во Европа, не ѝ успева да го регулира свјот систем за нега на болни и стари лица и на своите граѓани да им овозможи достоинствена старост. Недостигаат 130.000 негуватели. Тие се регрутираат од Јордан, Источна Европа и сл. Што во земјата пак ги јакне ксенофобијата, исламофобијата и антисемитизмот. Истовремено, негуватели недостигаат и во јужните држави во Европа. Во Германија има потреба од 35.000 учители во основното образование. Во „богатата Германија“, во која фирми како Сименс ја започнале својата историја, има дефицити во образованието. Само еден од многуте примери. 

Претходни колумни од авторката: 

Моја Европа: #MeToo е само почеток

Моја Европа: И ние сме народот

Моја Европа: Нема неутрална демократија

Се чини дека е дојден час кога менаџерите можат без срам јавно да зборуваат, за работниците како за човечки материјал за стекнување капитал. Човечки ресурси, кога беше воведен овој поим, многумина кариеристи се радуваа на овој неолиберален англицизам, со кој победниците во овој светски поредок можат да го демонстрираат својот интернационализам.

Германските синдикати сега бараат работна недела од 28 часа и зголемување на платите од 6 проценти. Нечуено за супербогаташите и сите Кезери од овој свет. Тоа не е остварливо, ќе речат тие и ќе се свртат кон своите Панамски документи. „Human Ressources" - тоа е нешто што може да се најде насекаде во светот. Особено таму каде нема синдикати. Само, трагично е што нема селани за селанска буна. Можеби основниот проблем на социјалдемократијата е тоа што таа не знае кој е, а не знае ни кои се денешните селани и како да им се обрати.

Јагода Мариниќ е германско-хрватска писателка и новинарка. Таа е родена во местото Вајблинген како ќерка на хрватски доселеник во Германија. Во моментов живее во Хајделберг. Неодамна беше објавен нејзиниот последен роман „Made in Germany - Што е германско во Германија?". Во него се соочува со идентитетот на Германија како земја на доселеници.