1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муслиман-карневалски принц во Бон

13 февруари 2010

Оваа година бонскиот карневал е побогат за уште една сензација-поранешната престолнина го слави својот прв муслимански карневалски принц, Амир први, негувајќи го на тој начин имиџот на меѓународен, светски отворен град.

https://p.dw.com/p/LzjH
Карневалскиот принц Амир првиФотографија: picture alliance / dpa

Принцот Амир први во вистинскиот живот е Амир Шафаги, татко на три деца и раководител во фирма за телефонски маркетинг со повеќе од сто вработени. Иранецот, чие име на персиски исто така значи принц, уште од мал покажувал склоност кон карневалските традиции, учествувал во карневалската поворка.

„Желбата за опуштање, едноставно да се тргнеш настрана од сериозноста на секојдневието, да се маскираш, да не се сфаќаш себе си пресериозно, тоа е најголемото признание што човек може да го стекне како карневалски принц.“

Карневалистите немаат ништо против

Амир Шафаги е роден во Техеран во 1970 година. На десетгодишна возраст дошол во Бон со родителите. Член е и поддржувач на повеќе карневалски здруженија. Тоа што карневалскиот принц потекнува од Иран и верува во Алах, за карневалистите не е никаков проблем, како што велат:

Karneval 2010

„Според мене, тоа е супер. Ние сме и така најсеверните јужњаци. Имам многумина познати кои доаѓаат од југ, од Турција на пример, тоа се вклопува кај нас во Рајнската област“.

„Мислам дека тој тоа добро го прави. Пробивањето нови патишта не може да наштети, па и кога принц е еден странец“.

Се исполнува еден животен сон

За Амир Шафаги се оствари еден животен сон. Но, раскалашноста во веселите денови на карневалот е во спротивност со правилата на исламот. Според исламот, алкохолот е строго забранет, а верниците муслимани се држат на безбедно растојание од карневалското делење бакнежи. За принцот Амир верувањето во алах и одушевеноста од карневалот не се противречни.

Karneval in Bonn Fotos: Abdo El Mikhlafy
Фотографија: Abdo El Mikhlafy

„Секој си ги знае границите во бакнежите и алкохолот. Умерено консумирање секако не е штетно, ако има мерка, може да функционира“.

Релативно слободна изјава, која сигурно нема да биде прифатена од сите муслимани.

Принцот, кој со својата религија сака да биде позитивен придонес кон интеграцијата, со ова всушност допира до границите.

Принцот не смее да држи говор в црква

Многу бранувања предизвика и одлуката на муслиманскиот принц да му биде забрането да држи говор на традиционалната екуменска божја служба во бонската централна црква. Првиот човек на бонската католичка црква Вилфрид Шумахер аргументираше дека христијанството се разликува од исламот поради божјото тројство и затоа не е можна заедничка божја служба. Многу карневалисти беа огорчени:

„Би рекла, тоа е типично католички, верувам дека кај евангелистите или друга конфесија тоа немаше да се случи, мене ме лути ова“.

Karneval in Bonn Fotos: Abdo El Mikhlafy
Фотографија: Abdo El Mikhlafy

„Од една страна може да се разбере дека господин Шумахер има свои претстави, но од друга страна, карневалот е вонредна ситуација, па можеше да му се дозволи на човекот да каже неколку љубезни зборови“, реагира друга граѓанка.

Принцот Амир први, пак, вели дека не се лути, па со тоа за него темата е завршена. А Шумахер, кој смета дека е погрешно интерпретиран во медиумите, во меѓувреме доби поддршка: Бонскиот совет на муслиманите во писмено соопштение изрази разбирање и почит за одлуката на црковниот великодостојник, кој се повикува на правилата на католичката црква. Зачувувањето на верската толеранција не е знак за нетолеранција, особено ако Шумахер, на пример, се ангажира за изградба на џамија во Бон, смета Советот на муслиманите.

Автор: Улрике Хумел/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска