1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На 200 илјади деца им се заканува смрт од глад

БГ/афп/миа28 мај 2014

Уницеф предупредува дека поради недостаток од финансии не ќе може да се грижи за илјадници деца во Сомалија кои страдаат од неухранетост

https://p.dw.com/p/1C7zw
Фотографија: picture-alliance/dpa

Околу 200.000 деца до петгодишна возраст во Сомалија би можеле да починат до крајот на оваа година поради голема неухранетост доколку ОН не добие итна финансиска помош за спречување на гладта, предупреди Детскиот фонд на ОН.

Во Фондот пристигнале само 15 милиони долари од побараните 150 милиони долари од земјите донатори, кои се потребни за обезбедување на животните потреби на над три милиони жени и деца во Сомалија оваа година.

- Доколку итно не се набават овие средства, Уницеф ќе мора да прекине со најпотребната медицинска помош која е од животно значење, истакна портпаролот на УНИЦЕФ, Кристоф Булиерак.

Според податоците на УНИЦЕФ, околу 50.000 сомалиски деца веќе подолг период страдаат од многу тешка форма на неухранетост.

Поширокиот регион на Рогот на Африка беше погоден од голема суша во 2011 година. Околу 250 илјади луѓе, половината од нив деца, починаа за време на сушата во Сомалија, а во целиот регион погодени беа околу 13 милиони луѓе.