На Мајорка и е доста од пијани туристи
25 јули 2013Шпанскиот остров и летувалиште Мајорка, во Германија често го викаат „седумнаесетта сојузна покраина“ бидејќи река луѓе од Германија секоја година одат таму на летување. Всушност, на средоземниот остров има и области со големи и скапи вили. Но,„вистинскиот“ одмор за германците главно се сведува на опивање и „журкање“ во делот Плаја де Палма, особено околу локалот Балерман - главниот јунак во многу филмови и уште повеќе, безбројни аматерски филмски записи од гости кои пијат сангрија од пластична кофа и лудуваат како знаат и умеат.
Треба да се потенцира дека Мајорка, не е само „германска“ област - недалеку од Балерман е и Магалуф, место кое собира слични гости од Велика Британија, со поплиток џеб, но со голема жед. Резултатот од тоа летување не е тешко да се предвиди - и редовно го полни печатот во Германија: тепачки, меѓусебно или со уличните продавачи, акции на организираните банди проститутки на кои пијаните туристи им се лесен плен, џепчии, измамници...
Така, германскиот таблоид Билд дава до знаење како Мајорка ја покажува “мрачната страна на летото“: ловци на среќа, евтини проститутки и организиран криминал владеат во Плаја де Палма кога ќе зајде сонцето. Тие негативни статии го поттикнаа Аурелио Васкез, претседател на Здружението на угостителите на Мајорка на демант: бројот на кривични дела пораснал само за 0,25 отсто - а од друга страна туристите доаѓаат, и оваа година ќе биде една од најдбрите досега.
„Пресврт од 180 степени“
Но и на градската управа на Мајорка и е доста од такви гости: заменик градоначалникот и претседателот на туристичкиот совет Алваро Гијон најавува „пресврт за 180 степени“ со кој сака да се стави крај на пијанствата на „евтини“ туристи - бидејќи покрај таквите гости може долго да се чека да дојдат тие со подлабок џеб.
Административните мерки веќе почнаа: на одредени делови од градската плажа е забранета консумацијата на алкохол, надвор од просторот на некој угостителски објект, од 22 часот до 1 часот по полноќ - време кога се одржуваа најголемите пиења и лудувања под ведро небо. Следните години се планира општа забрана за алкохол на јавни површини, но оваа година надлежните служби се` уште им прогледуваат низ прсти на „жедните“ туристи: по хотелите се закачени предупредувања на повеќе јазици против алкохолизмот и другите опасности на островот, но овие мерки не се спроведуваат целосно.
Гијон сепак сака радикален пресврт: „Овие пијанства не може да се споредат со квалитетен туризам каков што сакаме на Плаја де Палма“. Веќе со години постојат планови за уредување на тој залив и од следната година ќе почне преуредувањето. Во тоа имаат поддршка и од Балерските острови кои одлучија да го зголемат квалитетот на услуга во хотелите и сместувањето на едноставен начин: зградите со по барем четири ѕвездички смеат да бидат надоградени со по уште два ката или најмногу до висина од 80 метри.
А туристи - доаѓаат
На угостителите во зоните на масовниот туризам им е сепак тешко да донесат одлука: од една страна, сите сакаат да им доаѓаат побогати - и секако потивки гости кои во помал број повеќе ќе ја наполнат касата на Мајорка. Но од друга страна, гости масовно доаѓаат и на Мајорка каква што е сега: капацитетите на хотелите се пополнети од 80 до 90 отсто во главната сезона, јули и август, а оваа година веќе со почетокот на јули едвај можеше да се најде слободна соба.
Тамошните угостители веруваат дека профитираат од фактот што туристите се` уште се плашат да одат во туристичките центри во северна Африка, а бучните забави се повеќе ги привлекуваат и гостите од другите краеви, особено од Скандинавските земји, и секако - Русите.