На пат до Цариград - обид за решавање на уште еден спор
14 јануари 2020Голем интерес во јавноста предизвика вчерашната средба на премиерот Спасовски и лидерот на СДСМ со Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во седиштето на Цариградската Патријаршија во Истанбул. Како што беше соопштено, средбата се остварила на покана на Вселенскиот Патријарх упатена до Зоран Заев додека бил претседател на Владата.
Не може многу да се дознае од кусото соопштение, во кое само кусо се наведува дека Спасовски и Заев на Вселенскиот Патријарх му го честитале празникот Христовото раѓање - Божик, со желби за здравје и сила, во мир и спокој да продолжи, како прв меѓу еднаквите во Православната црква, да ги обединува сите сестрински цркви. И двајцата упатиле покана до Патријархот Вартоломеј да ја посети нашата држава.
„Во срдечниот разговор беше изразена надеж дека и оваа година Патријархот Вартоломеј, во духот на толеранцијата и разбирањето, ќе продолжи да поттикнува дијалог за изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочува православниот свет и верниците“, се вели во соопштението.
Од Светиот синод на МПЦ-ОА не се достапни за став околу значењето на оваа средба, која сите ја поврзуваат со посакуваниот статус на МПЦ-ОА. Но, упатени во оваа проблематика за ДВ кусо велат дека „работата е тргната во добра насока“.
Отповикување на томосот од 1922 година
Средбата во Истанбул веќе предизвика внимание во медиумите во соседна Србија. Додека дел само ја пренесуваат веста за средбата на Спасовски и Заев со Вселенскиот патријарх, други го вклучуваат „алармот".
„Вселенската патријаршија прифаќајќи да го разгледувапрашањето на МПЦ-ОА, започнува отповикување или ревизија на својот томос за СПЦ од 1922 година“, оценуваат дел од медиумите, потсетувајќи дека „токму на темелот на тој томос, СПЦ полага право и на Црна Гора, како своја канонска територија".
Во некои анализи, се посочува дека „за значењето на средбата зборува фактот дека на неа приуствувале најблиските соработници на Вартоломеј: митрополитите Емануил галски, Максим силивријски и Амфилохије адријанополски“.
Некои, пак, ова го доведуваат во врска со претходни напори на американската дипломатија.
„Пораката на американскиот амбасадор во Ватикан до српските епископи во 2007 година била дека дека српското црковно прашање во Македонија за Америка не постои“. Ова за „Спутник“ го изјавил историчарот Александар Раковиќ, како сведок на настанот, а белешките што ги водел во текот на тие разговори ги преточил во неговата книга „Србите и религискиот интервенционизам“. Според историчарот, амбасадорот на САД во Ватикан, Томас Патрик Милејди, за време на посетата на Белград во 2007 година се сретнал со неколку српски епископи: архиепископот охридски Јован, тогашниот захумско-херцеговски владика Григориј, епископот липљански Teoдосиј, будимљанско-никшичкиот владика Јоаникиј и епископот австралиско- новозеландски, Иринеј. Според Раковиќ, американскиот амбасадор дошол во мисија во име на некои римокатолички структури од Ватикан, а не во име на САД, иако некои од пораките претставувале и јасен американски став.
„Ставот на амбасадорот дека Српската православна црква нема што да бара во Македонија, за СПЦ не беше прифатлив“, вели Раковиќ.
Дел од медиумите потсетуваат дека минатата година рускиот патријарх Кирил потенцирал оти Вселенската патријаршија може да го примени „украинското сценарио“ за признавање на автокефалноста и на МПЦ-ОА.
На маса прашањето за автокефалноста
Веста за средбата на македонската делегација со Вселенскиот патријарх со големо изненадување одекна во домашната јавност, која во моментов е преокупирана со две „неспоредни“ нешта: европското првенство во ракомет и меѓупартиските „натпревари“ во преодната влада.
Под епитетот „ексклузивно“ домашниот портал „Религија“ објави дека Вселенската патријаршија и официјално потврдила дека не се откажала од намерата да го решава прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА и покрај противењето на Српската и на Руската православна црква. Порталот се повикува на соопштение на Патријаршијата во кое известува за средбата на македонската делегација со Вселенскиот патријарх, посочувајќи дека главната тема на разговорите било токму прашањето за МПЦ-ОА.
„Во текот на разговорот беа ставени на тапет претходните фази на прашањето, помеѓу кои и желбата на тамошната Црква да се врати во каноничност, под името Охридска архиепископија, согласно своевремено поднесената молба за апелација (еклитон) од нејзина страна. Атмосферата на разговорот беше топла и искрена, а потоа високите гости седнаа на патријаршиската трпеза, по што си тргнаа за назад. Господинот премиер и тие со него ја изразија својата почит и доверба кон Мајката Црква, чиј благослов го добија за целиот тамошен клир и народ“, било соопштено од Вселенската Патријаршија.
Според порталот, Вселенскиот патријарх, посочил дека ќе ги покани претставници на СПЦ и на МПЦ во Истанбул за понатамошни консултации околу решавањето на црковниот спор.
Во домашната јавност нема сомнение дека се на повидок обиди за решавање на уште еден спор, овојпат црковен.
„На вчерашното прашање на ВМРО-ДПМНЕ „во кое својство бил Заев на средбата со Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во седиштето на Цариградската Патријаршија во Истанбул?“, одговорот би можел да е релативно едноставен: бил во својство на политичар кој решава проблеми“, пишува пишува новинарот Сашо Орданоски во денешната колумна.
„Меѓу своите балкански колеги, Заев не е многу омилен политичар. Ја подигна „политичката летвичка“ на повисоко ниво. И оние кои го гушкаат, како и оние кои му се потсмеваат, го чувствуваат тој негов „општ притисок“ врз плеќи (...) Затоа не поставувајте глупави прашања од типот ’што бара Заев во Стамбол?’ Веројатно бара некаков начин да ’затвори’ уште некое отворено прашање за Македонија, околу коешто се изгубени десетлетија успешни политички кариери во неговото нерешавање“ пишува Орданоски.