На пат
1 октомври 2016На Балатон, каде што го славевме роденденот на една унгарска пријателка, случајно си го поставив прашањето: Зошто всушност Путин пред 2 години мораше да го заземе Крим? Крим е скап, неговата туристичка инфраструктура е слаба, од украинските подрачја е истотака тешко достапен. Зарем не би било полесно да се освојат унгарските бањи Хевиз, и тоа без ниту еден испукан куршум, само со пари? Во основа гледано тоа веќе се случи: Градот е преполн со плакати на руски јазик кои рекламираат локални услуги: капење, масажи, медицинска нега и терапии. Еден мал основен вокабулар би требало да го олесни купувањето. „Колку чини?“, туристите од Русија можат да прочитаат на кирилица и на унгарски јазик, исто како и „Сметка, ве молам“. Истотака може да се избира меѓу светло и темно пиво. Дури се погрижија и за духовните прашања: Засега црковната служба се одружува во една куќа предвидена за молитва, но уште сега се собираат пари за изградба на вистинска православна црква.
Во хотел можат да се резервираат излети: Во шопинг центарот Парндорф на австриската граница, во Братислава вклучувајќи и вечера, за Гиер и манастирот Панохалма со ручек, за Жиглигет на дегустација на вина и во Пушту на јавање. Цените на овие излети се движат меѓу 35 и 95 евра. Цената за хотелските соби изнесува 200 евра. Пред нас ја имаме онаа средна класа која го формира рбетот на Путиновиот свет. Богатите не бараат само релаксација и закрепнување, туку „фрлаат“ испитувачко око на вилите и становите кои се понудени во брошурите испечатени на нивниот мајчин јазик. Една луксузна куќа во Будимпешта- за 200.000 евра- е можеби за нив прескапа, но скромна куќа на Балатон од ерата на Кадар- за 75.000 евра- можат да си дозволат.
Одржување на тензијата до денот на референдумот
На патот од Балатон до Будимпешта гледаме безброј големи постери на кои владата на Орбан повикува на излегување на референдум, на 2. октомври. На сина позадина со големи жолти букви стои прашањето: „Дали сте знаеле оти Брисел кај нас присилно сака да досели еден цел град со бегалци?“ или „Дали сте знаеле дека атентатите во Париз ги извршија мигранти?“ и „Дали знаете оти мигрантите веќе силувале 300 жени?“ Под секое прашање со помали букви е напишано: „Референдум, 2. октомври 2016.“. Скриената владина пропаганда во овие прашања не е насочена кон исходот од референдумот, од кој ионака не зависи ништо- на крајот во ЕУ воопшто не постои намера да се присили Унгарија на примање одреден број бегалци. За Орбан е важно да се одржи тензијата до денот на референдумот. Не постои ништо полесно од тоа со посредство на медиумите демократијата да се мобилизира против демонстрациите, омразеното мнозинство да се залулка во илузијата дека и тоа смее за нешто да одлучува.
На 13. август бев повикан да зборувам во Маријенборн каде се одбележуваа 20 години од подигнувањето на спомен обележјето посветено на германската поделеност. Пред церемонијата не’ водеа низ контејнери куќи, кои сега, повеќе од 25 години од падот на Берлинскиот ѕид, повеќе изгледаат гротескно, отколку застрашувачки. Конечно Германската Демократска Република (ГДР) не беше Северна Кореја и никогаш не се успеа двете германски држави херметички да се одвојат една од друга. Само благодарејќи на телевизијата 70 проценти од Германците во Источна Германија секојдневно ги следеа случувањата во соседната земја и со децении живееја со визуелни паралели со Сојузна Република Германија.
Сомнеж кон патициите од Блискиот исток во ГДР
Ги посетивме просториите каде се сочувани листите со забрани за патување. Тука, истотака, поради детална проверка се собрани одредени пасоши и тоа во регали со натпис „ГДР“, „СРГ и „странство“. Но таму имаше и еден четврт регал со мала етикета „Каиро“. Под кодот на египетскиот главен град беа регистрирани патници од Блискиот Исток, мигранти, кои патувале во Западен Берлин и Западна Германија и тоа како осомничени за тероризам.
На патот од Берлин до Маријенборн морав да го променам превозот во Магдебург. Уште на главната железничка станица сите патнички вагони беа полни. Во никој случај не сакам да ја повредам политичката коректност, но можеа да се забележат повеќе арапски патници, меѓу кои и една брачна двојка со 4 деца и многу багаж. Главата на семејството седеше до мене. Јас цело време на мојот таблет гледав телевизиски вести- сѐ за Олимписките игри во Рио, меѓу останатото беа повторувани сцени кога еден египетски репрезентативец одби да му пружи рака на својот колега (од Израел). Мојот сопатник гледаше во мојот екран, а потоа во мене. Мислев дека кога би зборувале ист јазик би можеле да пронајдеме и заеднички теми.
Во Магдебург сите излегоа од возот. Регионалниот воз пак возеше дури за половина час за Маријенборн-Хелмштете. Овој пат купето беше речиси празно, но какво чудо- „моите“ Арапи веќе седеа таму. Ги поздравив со спонтано навалување на главата. Главата на семејството не реагираше, но сепак размени неколку збора со својата сопруга, која потоа одеднаш погледна во мене, а и децата го сторија истото. Бев сигурен дека разговараат за мене. На крајот бевме познаници.
Унгарскиот писател и историчар Ѓерѓ Далос живее во Берлин. Во 1995. година ја доби наградата Адалберт-фон-Камисо, а во 2010. година ја доби Лајпцишката книжевна награда за европско разбирање.