1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

На „плажа“ во Пехчево

6 август 2021

Не е спорно дека секому му треба одмор, па и на премиерот и на неговите министри. Но проблем е кога тоа се случува додека странци ни ги гасат пожарите, а граѓаните избезумени бараат спас. Коментар на Борис Георгиевски

https://p.dw.com/p/3yfPa
Waldbrände in Nordmazedonien
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Во август 2002 година сите предизборни анкети прогнозираа сигурен пораз на тогаш владејачките германски социјалдемократи на изборите закажани за 22 септември. Канцеларот Герхард Шредер веќе се подготвуваше да си ги спакува куферите и да му го препушти местото на главниот опонент, Едмунд Штојбер од конзервативната коалиција ЦДУ/ЦСУ, кога во регионот на покраината Саксонија се случија библиски поплави. И додека Штојбер одлучи периодот да го искористи за сончање на летното сонце, Шредер облече гумени чизми и сурфајќи на бранот на поплавите не само што ја надокнади негативата зад ЦДУ, туку и победи на изборите, обезбедувајќи си уште еден мандат на чело на германската влада.

Слична катастрофа деновиве се случува во Северна Македонија. Пожарите прават пустош низ земјата, а покрај домашните служби, ги гаснат и (по)бројни доброволци- пожарникари од Австрија, Словенија и Бугарија, со хеликоптери од соседна Србија. Или што би рекле од Владата и владејачката СДСМ „системот функционира“.  Функционалниот систем и покрај трите прогласени кризни ситуации: пожари, пандемија на ковид-19 и бегалска криза; им даде можност на владините министри, заедно со премиерот Зоран Заев да си дадат оддишка од напорната работа и да заминат на одмор. До 12 август. Што би се рекло: земен им бил од претходно.

Не е спорно дека секому му треба одмор, па така и на премиерот и на министрите во владата. И не верувам дека некој ќе го забележеше тоа доколку состојбата во земјата беше нормална, и немавме стотици пожарникари од странски држави кои сесрдно помагаат и спасуваат што може да се спаси. Но ситуацијата е далеку од нормална. Некои можеби би рекле дека е и ненормална, и тоа не само последниве денови. Нејсе, во таква ненормална ситуација, информацијата дека премиерот Заев е на одмор, засилена со убедувањето дека „е во постојана телефонска и интернет комуникација со сите институции“, делува исто толку ненормално и несериозно. Не мора ни Заев, ниту неговите министри да ги гасат огновите. Напротив, за тоа има доброволци и „гости" од повеќе странски држави, но упатно е при вакви катастрофи граѓаните да знаат дека нивните избрани функционери се тука крај нив и им даваат, макар, морална поддршка. Дека некој води грижа за нивната безбедност и во крајна линија е барем заинтересиран за нивната агонија.

Особено кога „функционалниот систем“ што го оставиле зад себе се состои од противпожарни возила стари, во просек, над 28 години, три противпожарни авиони кои не се сервисирани, а со тоа и вон употреба, и противпожарни служби кои со години кубурат со кадар и опрема, додека во државната администрација предизборно се товат нови партиски војници.
Или како што тоа конкретно го објасни еден жител на Пехчево во изјава за ДВ вчера: „сите жители се мобилизирани и ‘опремени’ со лопати и гребла, а градов не е опремен буквално со ништо. Треба да се знае дека Пехчево нема противпожарна служба, дека потребите ни ги покрива општина Берово која има еден камион-цистерна стар 40 години, еден нов, и два џипа. Тоа е сѐ."

Тоа е навистина сѐ, особено ако се знае дека и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски одлучил да ужива на некоја плажа додека не бомбардира со загриженост на Фејсбук. Тоа што ни тој, ниту неговата партија не го разбираат е дека како личност која се претставува како алтернатива на актуелната и потенцијална идна власт во земјата, и неговото отсуство во вакви моменти е исто толку ненормално, како и она на Заев.

Да се вратам на примерот од почетокот на коментаров, во Германија и во многу други држави политичарите, без оглед дали се власт или опозиција, не смеат да си дозволат да отсуствуваат од земјата при вакви катастрофи. Тоа ги чини многу поени: морални и политички, а во неретки случаи цената е и нивната кариера. Во 2019 година, австралискиот премиер се извинуваше откако го прекина одморот додека пожари пустошеа во неговата земја.

Кај нас, на целата мака и хаос со пожарите, уште мораме да ги слушаме и читаме глупавите изјави на нивните партиски полтрони и морбидните препукувања преку социјалните мрежи.
И сето тоа додека на „плажата" во Пехчево уживаат гости од Австрија, Словенија и Бугарија. Бидејќи тие баш немале друга работа, а и одморот не им бил земен.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема