На тронот на Европа - повторно
По една година пауза Вардар повторно се искачи на врвот на ракометна Европа. Македонскиот првак направи чудо во полуфиналето против фаворизираната Барселона и одигра шампионски во финалето против Веспрем.
Чудото се случи во полуфиналето
Навивачите на Вардар на трибините во „Ланксес“ арената во Келн беа во делируим, откако македонскиот ракометен шампион направи неверојатен камбек во второто полувреме против фаворизираната Барселона. Ракометарите на Вардар негативата од седум голови на полувремето успеаја на крајот да ја претворат во победа со два гола предност.
„Жежок“ старт на финалето
Во Келн во текот на Ф4 викендот имаше прекрасно време. На денот на финалето беше навистина жешко - 31 Целзиусов степен. Но уште „пожежок“ беше стартот на ракометарите на Вардар на натпреварот со унгарскиот Телеком Веспрем. Со суверена игра македонскиот шампион стигна до солидна предност од пет голови на полувремето. Рожерио Мораеш (на фотографијата) „доминираше“ и во нападот и во одбраната.
Нема лесно финале
Љубителите на ракометот, а уште подобро самите ракометари, знаат дека нема лесен натпревар, посебно не кога станува збор за нокаут меч, а да не зборуваме за финале на Лигата на шампионите. Унгарците тргнаа силно во второто полувреме и константно ја топеа разликата во голови. Сепак, Вардар во ниту еден момент не дозволи нерешен резултат или водство на противничката екипа.
Гол за мирен крај
Игор Чупиќ го стори она што најдобро го знае. Повеќе од суверено постигна гол од седум метри, кој воедно беше и последниот гол во финалето и кој условно кажано значеше спокојни 60-тина секунди како подготовка за ново славје. 27:24 за Вардар стоеше на крајот на големиот семафор во прекрасната „Ланксес“ арена во Келн.
Солзи и славје...
Прославата на победата Вардарци ја започнаа на теренот 30-тина секунди пред крајот, откако Веспрем не успеа да погоди во последниот напад...
Ерупција во вардаровиот блок
Славјето на ракометарите беше проследено со еуфорија меѓу вардаровите навивачи, кои во сите три години во кои Вардар игра на Фајнал фор турнирот беа концентрирани во истиот блок. Со скандирања и песни тие потоа го чекаа моментот на вечерта...
Повторно со пехарот в раце
Најдобриот тим во Европа го даде и најдобриот играч на финалниот турнир во Келн. И токму Игор Карачиќ беше првиот вардаров играч кој го крена во вис најпосакуваниот клупски пехар во ракометна Европа. „Ова е приказна , која да ја бевте напишале, луѓето немаше да ви веруваат“, напиша Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својот Твитер-профил и му се заблагодари на Вардар за „легендарниот“ настап.
Во елитно друштво
Со втората титула европски првак Вардар си обезбеди место меѓу најдобрите клубови на континентот. Имено, досега само Барселона и Кил имаат двапати победено во финалето на Лигата на шампионите.