1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Награда за мир наместо спор околу името

Спирос Москову
16 февруари 2019

До последен момент во спорот околу името на Македонија се ангажираше дури и Александар Велики. Но тој остана со празни раце, а профитираа други, коментира Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/3DSZQ
Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Zaev und Tsipras
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Долго време немаше добра вест од Балканот, особено од просторот на поранешна Југославија. Старите и никогаш конечно нерешени проблеми меѓу новонастанатите држави во регионот се чини како да беа замрзнати под еден вид студен мир. Една од колатералните штети од распадот на земјата на Тито беше и несфатливиот спор околу името помеѓу Атина и Скопје.

Атина за првпат подготвена за компромис

Сепак, по конечната ратификација на билатералниот договор за решавање на спорот, сега се слушаат само пофални зборови и почести за поранешните спротивставени страни. Во сабота вечер, премиерите на Грција и Северна Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, на Минхенската безбедносна конференција ќе ја добијат наградата „Евалд фон Клајст" за извонреден придонес во меѓународниот мир и надминување на конфликти. Двајцата во меѓувреме се и официјално номинирани за Нобелова награда за мир. Ова е првпат, Атина да има голем придонес за решавање на конфликт во Југоисточна Европа. Веројатно тоа е и првпат воопшто Грција да постигне компромис со соседна држава, без да има војна или да е под присила. И покрај огромниот ватрешнополитички отпор и одбивање на конзервативната опозиција, на левориентираната владеачка партија Сириза, под раководство на премиерот Ципрас, ѝ успеа едно мало чудо: задоцнет, но убедлив чекор во насока на современо политичко управување, каде што потрагата и пронаоѓањето компромиси е нешто што е само по себе разбирливо.

Moskovou Spiros Kommentarbild App
Спирос Москову

Впрочем, Грција за разлика од Северна Македонија, веќе долго време е членка на НАТО, ЕУ и Еврозоната. Се чини како непријатен анахронизам, тоа што Грција со децении ја спречуваше малата, слабо развиена соседна земја да си го користи името, поради тоа што наводно сака да го преземе наследството на Александар Велики. За среќа тестаментот на античкиот македонски крал е изгубен! И, за среќа, современите држави ги водат своите политики врз база на сегашните достигнувања, а не врз историското наследство.

Модел за пример за други конфликти?

Решавањето на спорот за името ја прави Северна Македонија прифатлива за НАТО и ЕУ, но не и автоматски зрела за членство. Крајот на спорот со името ја прави Грција позитивен фактор во Југоисточна Европа, но не и автоматски стабилизирачка регионална сила. Сепак, динамиката пак, која произлегува од разбирањето на партнерите, може исто така да влијае и врз други случаи на несогласувања во регионот: на пример дури и кај закоравените спротивставени страни како Србија и Косово, или во случајот на вечните спорови помеѓу Грција и Турција. Исто така и грчките и турските Кипрани би можеле да научат нешто од ова.

На крајот на краиштата сите овие земји имаат обврска да се погрижат за тоа на идните генерации да им изградат добри меѓусоседски односи и регионална соработка. Впрочем, кој би помислил пред една година дека Македонија и Грција ќе се осмелат на ваков чекор!